Петар Печков
Објавено: сабота, 26 ноември 2011
Во спомен куќата на Јордан Хаџи Константинов Џинот отворена е негова спомен соба. Во неа се собрани и поставени дела и премети поврзани со животот на овој знаменит велешки и македонски преродбеник. Тие се однесуваат на учебникарската, библиотечната и учителска дејност. Со овој гест, општина Велес ја одбележа 190-тата годишнина од раѓањето на Џинот, првиот учител во градот и пионерот на театарот во Македонија.
Куќата ја оплеменивме со ова поставка, која недостигаше, бидејќи малку е достапно за јавноста, од животот на Џинот. Посетителите можат низ повеќе документи да го видат животниот пат на овој преродбеник. Имаме многу малку материјал за него, нема ниту една фотографија, освен еден цртеж. Тука е копијата на ,,Таблица перваја,, неговото најзначајно дело, која била учебно помагало за описменување на децата. На јавноста и ги ставаме на увид документите , преписката со Српската Академија на науките, со Цариградскиот весник. Тој од Белград барал книги, учебници за описменување на децата а во турскиот весник ги опишувал неговите патувања низ Македонија – вели Марин Клифов кустос историчар.
Јордан Хаџи Константинов Џинот четири децении работел на воведување на просветата на народен, мајчин јазик, како писател и сестран творец од областа на културата. Џинот исто така се занимавал и со преведувачка дејност, со собирање на народни умотворби. Тој е првиот македонски драмски писател и просветител заедно со Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски. Додека работел во Скопје, прв извел метеоролошки мерења во Македонија. Дел од неговите драмски текстови ја изразуваат идејата за ослободување од долго вековното турско ропство и од духовното туторство на грчката црква, која лежи во македонското национално единство и соработка со словенските земји и народи. За оваа поставка двајцата автори работеле година и пол.
Материјалите ги најдовме во нашиот музеј и се дело на нашите претходни колеги. Има материјали од Белград, од Истанбул, од Софија, повеќе се копии отколку оригинали. Бидејќи нема фотографија од него, има цртеж на кој е доловен ликот на Џинот по кажувањата на негови блиски или по пишани записи. Џинот е значаен по два моменти. Освен што пишувал драмски текстови и заедно ги изведувал со неговите ученици, тој ги поставил основите на образовниот световен систем, бидејќи духовниот веќе постоел во црквите. Вовел нови предмети, мајчин јазик, географија, кои дотогаш не биле познати. Имал посебен режим на учење и настава. Ги учел децата на црковно пеење по ноти. Тој бил пионер во многу области, поради што бил во немилост од грчките владици па бил прогонуван, затворан и негиран - вели Павлина Василевска виш кустос по историја во Народниот музеј, автор на поставката.
За делото на Џинот ( 1821 -1882) малку се знае во пошироката јавност, додека во научната има повеќе дела за неговата работа и живот. Тој освен во Велес работел и во Прилеп, Скопје, Белград. Поради неговата работа бил протеран на робија на 101 година во Мала Азија, каде од камшик го губи десното око. Неговиот гроб е во црквата велешката црква Св. Спас иако не е познато каде се неговите мошти.
Tweet |