Петар Печков
Објавено: петок, 05 февруари 2021
Вчеравечер во Ликовниот салон во Велес се отвори изложбата на Мице Јанкуловски „50 години творештво“. Уметничкиот опус на Јанкуловски припаѓа на различни области на уметноста, вклучува слики на платно, сатирични слики на стакло, цртежи, карикатури и анимации, палиндроми. Неговата биографија вклучува повеќе од педесет самостојни изложби кај нас и во светот.
Јанкуловски е автор кој работи во повеќе медиуми. Овде во Велес се претставува со дела од тратата фаза таканаречена „црна“ која беше одлично прифатена во меѓународната јавност, со повеќе награди и признанија и оцената како исклучителна - кажа Корнелија Конеска, извршен директор на Остен, при отворањето на изложбата.
Јанкуловски дипломирал на Архитектонски факултет во Скопје и е уметник со специфична појава, препознатлив пристап, фасцинантни истражувања и оригинални резултати. Неговата уметност зрачи со хармонија, убавина, мир и сочувство. Таа е резултат на долгогодишното креативно истражување на уметникот. Забележително воздржани, далечни и тивки, делата носат длабок филозофски поттекст, праќајќи визуелните пораки кон вечноста.
Спасе Перовски, академскиот уметник и директор на НУ „Стоби“ ја промовираше публикацијата за авторот Мице Јанкуловски, при што нагласи дека станува збор за уметник со специфичен и чуден пристап. Изложбата ја отвори градоначалникот Аце Коцевски, кој кажа дека тие се блиски уште пред три и повеќе децении од студенците денови.
Tweet |