речник контакт

Отворена изложба на дела од Лидија Саздовска

Пресек од четири децениското работење и творење на авторката

Петар Печков

Вчеравечер во   Ликовниот салон  во Велес се отвори изложба  на слики на  Лидија Саздовска, академски сликар  од Скопје. Изложбата на слики на Лидија Саздовска е конципирана и поставена во пресрет на одбележувањето на четири децении ликовно творештво со пресек од севкупниот ликовен опус. Преку 38 слики во масло на платно и комбинирана техника,  во Ликовниот салон е претставено нејзиното творештво, кое опфаќа шест опуси.

Творештвото  на Саздовска е органски сраснато со долгогодишната педагошка активност, кои паралелно егзистираат, земно делуваат и се надополнуваат како нераскинлив цел од нејзината животна и уметничка патека. Авторката е скромна во животот, тивка ненаметлива, но силна во уметноста. Кога ќе создаде нешто ново во своите делка, таа во секоја следна фаза се надминува себе си и со идеите и со квалитетот, така што таа си е конкуренција самата на себе. Сликарството на Саздовска е насочено кон духот на лирско - поетската интимистичка атмосфера. Оттука нејзините слики ги карактеризира едноставност и читливост - кажа промоторот Дора Андова Фотева, кустос советник и историчар на уметноста.

 

Лидија Саздовска е родена во Белград 1949 год. Дипломирала на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје, педагошки оддел – Сликарство во класата на проф. Ана Темкова. Има реализирано 13 самостојни изложби, а учествувала на голем број групни ликовни изложби и колонии и добитник е на повеќе награди. Преку циклусите насловени  Меланхолија, Летно пладне, Медитации, Записи, Љубов и Ликови,  се опфаќа еден  специфичен дел  од развојот на творештвото на авторката и преставува своевиден творечки рекапитулар по долгата  творечка патека.

Оваа изложба е пресек од моето 40 годишно творештво. Се претставувам со дела од сите мои циклуси. Отсекогаш ме интересирала човечката  фигурата, таа е доминантна во моето творештво.   Жената е доминантна во моите дела, ги претставувам сите проблеми, размислувања низ кои сум минувала, се што ме притискало или веселело - изјави авторката Саздовска. 

Изложбата ќе биде отворена следните две седмици.  

 

 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »