Петар Печков
Објавено: понеделник, 11 јуни 2018
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во координација со ОЈО Велес и во соработка со Народна Банка на Република Македонија, откриле случај на “фалсификување пари“ во кој што осум лица се осомничени за сторено кривично дело “фалсификување на пари“. Тие пуштиле во оптек, преку купопродажба на фалсификувани банкноти -американски долари, во експозитура на банка во Кавадарци, во вкупен износ од 34.800 американски долари, стекнувајќи се така со противправна имотна корист од 1.727.545 денари. Четири лица се осомничени за сторено кривично дело “злоупотреба на службената положба и овластување“.
„Во врска со ова кривично дело МВР до ОЈО Велес поднесе кривична пријава против лицата: З.К., Г.К., Н.К., Б.Ј., Т.К., В.К., Р.М. и Т.С сите од Кавадарци поради основи за сомнение за сторено кривично дело “фалсификување пари“. Исто така, кривично пријавени се и лицата М.Е., Е.П., С.И. и Р.М, сите од Кавадарци, вработени во експозитурата на банката, а поради основи за сомнение дека сториле кривично дело “злоупотреба на службената положба и овластување“- пишува во соопштението на МВР.
Според МВР банкарските службенички М.Е. и Е.П., знаејќи дека постапуваат противзаконски и надвор од процедурите за банкарско работење, со неизвршување на својата службена должност, без да направат задолжителна проверка на веродостојноста на банкнотите, ги примиле 696-те фалсификувани банкноти во апоени од 50 УСД и ги замениле во денари на шалтерите во банката. Пријавените С.И. во својство на раководител во експозитурата, како и Р.М. во својство на заменик раководител, со неизвршување на својата службена должност, односно без да извршат задолжителен надзор и контрола на работата на банкарските службенички, знаејќи ја намерата на лицата кои ги пуштиле лажните пари во оптек, овозможиле фалсификувани банкноти (долари), да бидат проследени до трезорот на друга банка во Скопје.
Во текот на вчерашниот ден по наредба од Основен Суд Велес извршени се претреси во дом и други простории на вкупно 15 локации во Кавадарци и Лозово од кои девет во домовите на кривично пријавените лица и шест претреси во правни лица (фирми) сопственост на пријавените. При претресите беа пронајдени и привремено одземени вкупно: 1.239.010 денари, 3.700 евра, 384 американски долари, 420 англиски фунти, 50 швајцарски франци, 10 канадски долари.
Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од страна на Министерството за внатрешни работи, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес донел наредба за спроведување на истрага против 11 лица. На седуммина од осомничените им се става на товар дека сториле кривично дело Фалсификување пари од чл.268, а четворица се товарат за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од Кривичниот законик.
Во период од месец април до мај годинава, едно од пријавените лица набавило 696 лажни банкноти во апоени од по 50 американски долари кои видно се разликувале по повеќе обележја од оригиналните банкноти. Вкупно 137 лажни банкноти, осомничениот ги разменил во денари во експозитура на банка во Кавадарци, а потоа искористувајќи ги своите роднински и пријателски врски сукцесивно во повеќе наврати дал уште вкупно 559 лажни банкноти на лица кои во неколку наврати ги продале во банката. За дел од банкнотите на „продавачите“ не им биле исплатувани пари во денарска противвредност , туку биле извршени трансакции со кои „продавачите“ ги префрлувале парите од нивно име како позајмица на сметките на фирмите во сопственост на прво осомничениот и неговото семејство.
Во исто време, шалтерските работници во банката извршиле прием на лажните банкноти и притоа не направиле рачна и машинска проверка на бројната точност и автентичност на банкнотите согласно банкарските правила и по одобрение од раководителот и заменик раководителот во банката исплатиле денари во соодветна противвредност. Со неизвршување на своите службени овластувања, банкарските службеници ја оштетиле банката исплатувајќи вкупен паричен износ од 1.727.545,00 денари.
Имајќи предвид дека постојат особени околности што укажуваат на опасност од бегство и страв од повторување на кривичното дело, како и влијание врз сведоците кои ќе бидат сослушувани во наредниот период, надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Велес поднесе Предлог за определување на мерка притвор за прво осомничениот, а за останатите осомничени достави предлог за определување на други мерки за обезбедување - соопштија од ОЈО Велес.
Судијата на претходна постапка го прифатил предлогот и со Решение на прво осомничениот му определил мерка притвор во траење од 30 дена.
Tweet |