Петар Печков
Објавено: петок, 19 февруари 2016
Во четвртокот во заедничка акција на Шумската полиција од Велес и Полициските станици од Велес и Чашка биле откриени две криминални групи, кои се бавеле со дрвокрадство. При оваа координирана акција фатени биле 20 лица од велешко и прилепско и одземени осум возила и осум моторни пили.
Акцијата е спроведена ана два терени, едниот во околината на село Војница, вториот во околината на селото Степанци, на стариот пат Велес - Прилеп. При тоа откриени се две групи дрвокрадци од 20-тина лица, кои работеле независно едни од други. Одземени 8 моторни пили, 10 м3 дабови дрва и осум возила - изјави Горан Тодоров командир на Шумската Полиција од Велес.
По документирањето на случајот против лицата ќе бидат поднесени кривични и прекршочни пријави. Организирани криминални групи често работат на овој терен и ја сечат шумата во велешко и го пустошат дрвниот фонд . Групата од Војница биле велешани ,додека во Степанци се прилепчани. На стариот пат кон Прилеп, на планината Мукос пред две седмици беше откриена исто така група на дрвокрадци, повторно жители на Прилеп.
Последно време како дрвото има повисока цена и е скапо, се зголеми бројот на дрвокрадци но и на откриени лица кои ја вршат оваа криминална работа, кои нелегално ја сечат шумата додаде - Тодоров.
Сите осум автомобили кои беа одземени во четврточната акција беа без регистарските таблички, без светло и сите од марката ,,лада,, Шумски полицајци објаснуваат дека ова возило било идеално за превоз на пресечените дрва, имало носивост и лесно движење по земјен пат.
Обично тоа биле стари коли кои ги купувале за 200 евра а само од два трансфера на диво пресечни дрвја од 4 м3 возилото се исплатувало,а се понатаму било ќар за крадците.
Tweet |