Петар Печков
Објавено: среда, 02 мај 2012
Завршува откупот на младиот кромид, а производителите се задоволни од годинашната цена и пласманот. Велешкото Башино село е најголемиот производител, кој со млад кромид освен Македонија го снабдува регионот. Илјада жители или цело село живее од овој рано градинарски производ. Двеста тони од вкупно 700 тони годинашниот род е откупен и пласиран во странство, со просечна цена од 40 денари.
Најголемиот дел до произведеното заврши во извоз, најмногу во Хрватска и Србија. Додека се откупуваше за странство имаше цена, но по завршувањето на католичкиот Велигден цената падна. Сега за Први мај е последната можност да се продаде и заработи, потоа веќе завршува сезоната. Откупот беше преку хрватски Агрокор и нивниот центар во Струмица. Годинава имавме мал шпиц за продажба, бидејќи поради студеното време, доцна започна бербата и се сведе на еден месец одгледување. Тие што први имаа род, имаа и добра цена, сега е веќе драстично падната, накупците ја диктираат и печалба има само за нив – вели Томе Бузалков земјоделец од Башино Село.
Во екот на сезоната, секојдневно во селото доаѓале по два шлепери, кој собирале по 16 тони млад кромид. Така било месец дена. По 15 април, состојбата е сменета, сега доаѓале по два камиони дневно со многу помал откуп. Ако претходно се продавал младиот кромид по цена од 40 денари за кг, сега е сноп 80 денари од 50 врзопа млад кромид.
Заврши организираниот откуп и цената падна. Сега доаѓаат само оние од Кванташки пазар, ама тие ја рушат цената. Трудот во земјоделието ретко се исплатува. Може да се живее ама тешко е, но мора нешто да се работи. Од оваа работа опстануваме јас и сопругата, синот и снаата, тоа ни е единствената егзистенција – вели Ѓоре Шоповски, кој заедно со сопругата ги работеше последните количества на млад кромид.
Тие сега се подготвуваат на местото од младиот кромид да засадат домати, исто под фолии. Поради долгата зима, доцниот род на млад кромид, тоа се одразува и на следата култура, првите плодови домати очекуваат да ги наберат при и крајот на јуни.
Земјоделците од Башино село, имаа можност да му се пожалат директно на заменикот министер за земјоделие Зоран Коњановски за неколку работи кои ги мачат, немање откупен центар, неисплатени лански субвенции и неисплатена штета од невремето во 2010-та и 2011-та година. Коњановски најави дека тој ќе се заложи за овие работи да се решат, бидејќи Македонија остварува девизен прилив, од неколку милиони евра, од продажбата на младиот кромид
Како Влада создаваме услови инвеститорите кои сакаат да градат откупни центри,тоа да го сторат каде тие сакаат и можат. За таа цел градоначалнците треба да урбанизираат одредени градежни површини, за да може да се изградат откупни центри на територијата на нивните општини. Што се однесува до субвенциите тие ќе се исплатат до крајниот рок а тоа е 30-ти јуни. Ќе побарам информација од надлежните зошто е закочена работата со исплатата на штетата од невремето, за што локалните власти извршиле проценка – рече Зоран Коњановски заменик министер за земјоделие. И додека башиноселци бараат откупен центар, инвеститорите велат, дека негова изградба во велешко е нерентабилна инвестиција.
Во велешко тешко може да се изгради откупен центар. Причината е што нема толку големо производство на било што за да таа инвестиција се исплати. Еве младиот кромид се продава само најмногу два месеци во годината. Друга култура кој има производство во овој дел од Македонија и нема, така што не верувам дека било кој ќе се нафати да гради откупен центар во велешко, со сегашната понуда на градинарски или земјоделски производи – објаснуваат откупувачите.
Колку се внимава на пакувањето на младиот кромид зборува примерот при откупот кој селаните го раскажуваат. Така тоа било во зависност од пазарот каде ќе се продава. За Хрватска бил во пластични ,,еуро стандард,, гајби, тешки меѓу 7-8 кг, кои веднаш се дистрибуирале по маркетите. За Србија било во дрвени гајби, тешки до 5 кг. Башиноселци се гордеат што тие се најпознатиот производител на млад кромид на Балканот, и се сеќаваат дека до 90-тите години на минатиот век, тие успевале да ги задоволат потребите на тогашна Југославија и пазар од 22 милиони луѓе.
Tweet |