речник контакт

Откупот на зелени смокви го полни домашниот буџет

Откупот привршува, но некои велешки семејства добро минаа финансиски

Петар Печков

Во велешко на големо се бере зелената смоква. Цели семејства се вклучени во ова сезонска работа, која е добредојдена  за    пополнување на домашниот буџет.   Добрата откупна цена ги привлече  велешани да заминат во природа и берат смоква. Работата не е физички тешка, но има специфики поради кои  берачите мораат да бидат внимателни. Годинава од неа може добро да се заработи.

Ова ми е четврта година како сум вклучен во бербата на зелени смокви. Ја има доста во поширокиот велешки регион. Одиме со кола, четворица со приколка  за да ни се исплати и бензинот да го платиме. Работиме по пет - шест часа, еден може да набере до  60 килограми. Има добар обилен род. Задоволен сум од тоа што се исплатува веднаш на сметка, тоа е новина годинава на трансакциска, нема повеќе  во кеш – вели велешанецот Сашко Николов.

Иако има 30-тина години, како невработен заедно со членови од неговото семејство е по околината и ја бере смоквата.  Но иако изгледа дека работата не е тешка, таа крие опасности и затоа берачите морат да бидат претпазливи.

  Во пределете каде има смокви има и змии, па така крајно сме внимателни.  Да не се случи покрај ќарот, да бидеме во зијан да не касне некоја. Внимаваме и на белиот млеч од смоквата, кој знае да предизвика алергија.  Лани смоквата се откупуваше за 20 годинава стигна до 30 денари за килограм. Само при процената знаат да ни скинат на квалитет и да ја платат за 25 денари за килограм. Но парите се добредојдени – вели Василка  Стојанова која е дел од ,,екипата пријателки,, која со години  на овој начин заработуваат.

За десетина дена до две недели можат да  добијат до 250 евра што е добра сума, признаваат и сами. Но освен што  на овој начин заработуваат одделни велешки семејства, се отвора простор за работа и подготовка на слаткото од зелени смокви и на неколку фирми. Годинава откупот  во Велес го вршат три Јоми Фуд, Уни Стар и Маслодајна.

Првите две, како мали фирми  оваа сезонска работа им отвора можност за сезонски вработувања за подготовка на слаткото,  така други велешанки  наоѓаат времен ангажман. Но високата цена на откупот  на зелената смоква, ќе влијае и на повисоката цена на тегло со ова слатко, кога подоцна ќе се најде во продажната мрежа. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »