Петар Печков
Објавено: понеделник, 02 март 2026
Во Основен суд Велес продолжи продолжи судењето за сообраќајката кај тунелот Катланово, на автопатот Скопје - Велес. Беа сослушани оштетените, двете мајки на починатите Ангел Ников и Јованче Ангелов и сопругата на починатиот Димче Царев, како и четворицата тешко повредни патници, сите вработени во Феромонт - Скопје, кои се враќале од работа од Скопје.
Сведоците не можеа да ги скријат емоциите, солзите, навраќајќи се на кобниот ден 16 октомври 2024 година. Поради тоа обвинителката и судиите од пет члениот кривичен совет, ги ослободија од исказите за тоа што го виделе по сообраќајката.
Сведочеа дека во комбето кое го управувал обвинетиот Орце Димитриев биле осуммина патници, четворицата тешко повредени, тројцата починати и обвинетиот како возач. Четворицата оштетени колеги при сведочењето кажаа дека од сообраќајката имале тешки повреди, скршеници на различни делови на телото и долго време биле на лекување. Атмосферата во судницата беше мачна и тажна.
„Јас од здобиените повреди сум доживотен инвалид. Не се сеќавам ништо за сообраќајката. Спиев по пат. Се разбудив во болница од кома по еден месец. Кога возеше обвинетиот Орце, возеше брзо, стално“ – кажа Зоранчо Спиров.
„На враќање за дома, за Велес сега починатиот Ангел седна да вози, но Орце дојде го скорна рече јас ќе возам и седна тој да вози. Потоа сум заспал, но почувствувам шетање на комбето лево-десно и не се сеќавам, кога се разбудив видов трогателна глетка“ – кажа сведокот Бојан Петков.
Третиот сведок, патник во комбето Николче Николовски бил буден по пат.
„По пат обвинетите со комбето мина војничка колона возила и бевме сами на патот на делот каде се случи сообраќајката, пред тунелот. Почна да шета возилото лево-десно, имаше нагло кочење, не можеше да го контролира па удри во десната банкина. Потоа се онесвестив, кога се освестив глетката беше морничава и потресна“- рече Николовски.
Венчаслав Здравковски беше последниот сведок, преживеан од комбето на смртта.
„Вообичаено спиев по пат, но кога доаѓавме на делницата кај тунелот, поради брзото возење на Орце, комбето се занесуваше по коловозот, јас се будев. Така беше и критичниот ден. Вообичаено починатиот Ангел возеше кон Скопје, Орце кон Велес. Имало денови и кога јас сум возел. Тој ден се слушна шкрипење и потоа удар во карпата од десно на тунелот“ – сведочеше Здравковски.
Оштетените мајки и сопругата на починатите побараа Димитриев да се гони кривично и најавија барање на оштета. Тоа истото го сторија и тројца од четворицата тешко повредени колеги на обвинетиот, еден од нив сметаше дека доволно ќе му биде оштета од осигурителната компанија и не бараше кривично да се гони Димитриев.
Одбраната на обвинетиот Димитриев, адвокатите Тоше Тошевски и Борче Стојанов поставуваа прашања кои беа во функција на воведниот говор од судењето, дека вината е во фирмата а не во возачот. Го прашаа Спиров дали реагирал до некого од фирмата за брзото возење, тој одговори потврдно и тоа во неколку наврати до директорот Илија, кој одговорил „нема кој друг да вози освен Ангел и Орце, едниот во еден правец, вториот во друг правец“: Кажа дека во фирмата немало вработено возач , па комбињата од Штип и Куманово, како и тоа од и до Велес го возеле вработени.
Ги прашаа сведоците, патници во возилото, дали биле врзани, одговорија дека во комбето сигурносни каиши имало на возачкото место и на средните седишта, на другите немало. Сведокот Петков беше прашан дали знае во кое својство бил вработен обвинетиот Димитриев, во фирмата Феромонт инженеринг од Скопје, одговорот беше „и возеше и работеше“ .
Сообраќајката се случи на 16 октомври 2024 година, во 17,35ч. на автопатот Скопје – Велес, кај тунелот кај Катланово, обвинетиот управувал возило „форд транзит“ со скопски регистарски таблички со кое ги превезувал работниците од работа дома во Велес.
Орце Димитриев од Велес, како обвинет не признава вина за кривичното дело со кое се товари „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за кое обвинителството смета е сторено со умисла.
| Tweet |




