Петар Печков
Објавено: петок, 30 август 2013
Кога Илија Тончаровски ми раскажуваше за дел од неговите бројни случки, раскажа и како спасил девојче кое останало под шинобусот. Барајќи ги луѓето од настанот, по 38 години ги споив повторно. Во Прилеп, близу местото на настанот. ( Оваа приказна која ја напишав тогаш за Дневник 9-ти март 2006, ја објавувам повторно во спомен на чичко Иле)
Мислев дека никогаш нема да го запознам човекот што ми го подари вториот живот, вели 40-годишната прилепчанка Валентина Чавлеска, која како двегодишно девојче преживеала железничка несреќа кај Прилеп.
Сепак, по 38 години, на Валентина и се оствари желбата да се сретне со својот спасител, велешанецот Илија Тончаровски, машиновозачот што благодарение на присебноста и го спасил животот. Настанот се случил во пролетта 1968 година, на пругата Прилеп - Битола. Тогаш младиот машиновозач Илија брзо реагирал и успеал Валентина да ја спаси од сигурна смрт, а себеси цел живот да не го прогонува мислата дека прегазил дете. Истражувајќи ја приказната, организирав средба на сега пензионираниот машиновозач Илија и жената што го живее вториот живот. Средбата во Прилеп беше со многу емоции, навраќање на минатото и возбуда како настанот да бил вчера, а не речиси пред четири децении.
- Сметав дека овој настан е заборавен бидејќи минаа толку години. Кога ми најавивте дека машиновозачот ќе дојде да се видиме, не ми се веруваше. Од возбуда рацете ми трепереа. Не само јас, туку целата фамилија сакавме да го запознаеме човекот - вели Валентина Чавлеска, чие моминско презиме е Пишманоска.
Таа не можеше да ја скрие радоста што се сретнува со спасителот. Во домот на Пишманоски беа најблиските, мајката, таткото, братот, снаата, децата, внуците... Забележлива беше нивната возбуда од несекојдневниот момент, првата средба на луѓето што судбината ги споила пред 38 години. Валентина вели дека кога на колегите и пријателите им кажувала за настанот тие не верувале, се чуделе, биле изненадени дека може да биде жива штом воз минал преку неа.
Таа работела 16 години во Микрон, но по неговата ликвидација работи во текстилна фабрика. Нејзиниот сопруг Злате, со кого имаат два сина, вели дека се оженил за најсреќната жена на светот, бидејќи не е мала работа човек да се спаси од воз што јури. Мајка и на Валентина, Даница, памети многу детали од настанот.
- Беше четврток претпладне, месец април, на датумот не се сеќавам. Кај нас на гости дојде сосетката, која имаше двомесечно бебе. Кога таа си одеше, Валентина побара да оди на гости кај нив, да го види бебето. Гостинката ја зеде, а јас останав дома. Валентина била таму, го видела бебето ама и децата како играат надвор. Излегла да игра со нив и наместо да дојде дома, останала на пругата. Тогаш слушнав како возот силно чкрипи и прво што помислив беше детето. Кога истрчав, некој рече "чупето е живо" - се присетува Даница на морничавиот настан.
аа видела дека возот се враќа назад, кон станицата во Прилеп и истрчала. Веднаш се упатила кон болницата оти и кажале дека девојчето е таму и оти е добро...
- Валентина беше со искината облека и поцрнета глава. Од ударот на шинобусот имаше мала исеченица на челото, од каде и течеше крв. Валентина и денес ја има лузната на главата, која ја потсетува на овој настан - раскажува нејзината мајка.
Лекарите ја задржале два дена во болница, по што ја пуштиле дома. Настанот се случил во 9.30 часот, во исто време кога таа е родена и на само неколку дена пред нејзиниот роденден - 1 мај.
- Од траумата што ја доживеа, Валентина неколку години штом ќе слушнеше воз, ги покриваше очите со раце и пискаше - раскажуваат нејзините родители. Таа е најмлада во фамилијата, има постар брат и сестра, која живее во Австралија. Пругата Прилеп - Битола минува до куќата на семејството Пишманоски, безмалку во нивниот двор. И денес тука минуваат возови, но не со така интензивен сообраќај како некогаш. Додека присутните се надоврзуваа на моментите што тогаш се случиле, машиновозачот Илија ја раскажа својата верзија од приказната.
- Видов на пругата меѓу шините нешто како пакет. Но, како што наближувавме сфатив дека е дете. Тоа беше завртено со грб. Возев шинобус од најстарите, германските, кои имаат висок праг од пругата. Композицијата имаше четири вагони и веднаш му сигнализирав на колегата од последниот дека треба да сопре. Патниците видоа што се случува, па жени почнаа да пискаат, да викаат... Со колегата успеавме навреме да сопреме, но првиот вагон помина над детето. Бев скршен, немав сила да видам што се случи. Прв се симна кондуктерот и од под возот ја извлече малата - се присетува Илија Тончаровски.
Кога виделе дека детето е живо сите биле радосни, а еден од неговите колеги го стискал заштитнички детето, трчал радосен што е живо и здраво и не го давал никому. Веднаш се вратиле на станицата и девојчето со камион било префрлено во болница...
Средбата во Прилеп беше многу емотивна. Приказната за среќното девојче, кое денес е среќна жена, беше до осветлена со прераскажување на настанот како тој бил доживеан во кабината на машиновозачот. Семејството на Валентина и на Илија, по толку години, разменија адреси и телефони, ветувајќи си дека нивните во иднина ќе контактираат почесто.
Тие изразија благодарност што им овозможив да се сретнат и да го до расветлат настанот што среќно завршил.
Tweet |