речник контакт

Пазарот од Ротердам, туристичка атракција (фото)

Пазарот во Ротердам ги надминал културните атракции како Ајфеловата кула во Париз, Сикстинската капела во Рим и музејот Гугенхајм во Билбао

Петар Печков

Дали пазарите во иднина ќе бидат омилен предизвик за архитектите, тешко е да се предвиди, но пазарот Марктхал, кој пред една година е отворен во Ротердам, веќе е голем светски хит. Проектот на овој холандски пазар го потпишува најпровокативното и најиновативно архитектонско биро МВРДВ. Автор на проектот е Вини Маас, познат како „анфан терибл“ на современата архитектонска сцена, кој ја води фирмата заедно со Јакоб Ван Ријс и Натали Де Вриес.

Во проектот се вложени 175 милиони фунти, а овој визуелно многу впечатлив пазар, над кој во лак се надвиснуваат станови – за една година го посетиле осум милиони посетители, што ги надминало и најоптимистичните претпоставки. На почетокот било проценето дека ќе има околу четири милиони луѓе. Со тоа пазарот во Ротердам ги надминал културните атракции како Ајфеловата кула во Париз, Сикстинската капела во Рим и музејот Гугенхајм во Билбао.

Холандските архитекти припаѓаат на бранот врвни архитекти, кој се појавила во таа земја во текот на деведесеттите години на минатиот век, потпишувајќи на изглед невозможни, но во секој случај необични структури. Повеќето од нив се под силно влијание на Рем Колхас. 

Денес пазарот собира награди една по друга, па неодамна архитектонските портали ги обиколила веста и дека ја освоил наградата „European Property Award“. Туризмот во Ротердам пораснал токму поради овој проект.

На пазарот во Ротердам се наоѓаат 96 штандови. Пазарот го покрива конструкција што наликува на тунел, висок 40 метри, а долг 70 метри, во рамките на кој има 228 стана. Однадвор има сиви облоги од гранит, кој е продолжение на традицијата од улиците на Ротердам. Иако е многу висока, градбата не се наметнува, се вклопува во својата околина, што било и една од желбите на архитектите. „Ротердам има бројно многу силна популација на работничка класа, па сакавме да создадеме проект кој е многу поп-арт, воопшто не сакавме да биде нешто снобовски“ – толкуваат архитектите. 

Однатре овој тунел на сводовите има зголемено овошје и зеленчук, но и прозорците на некои станови гледаат на пазарот, па така, на пример, нечија соба се наѕира зад голема лубеница, а бањата зад зголеменото авокадо. Внатре е се' многу шарено, а некои станови имаат и навалени ѕидови. Сепак, холандскиот печат толкува дека сите станови се продадени, па дури и многу скапиот пентхаус, кој чинел над еден милион фунти.

Во секој случај, животот во Марктхал не е живот за секого. Всушност, како во ниту еден проект со потпис на овие архитекти. Најексплицитен пример е зградата Возоко во Амстердам, каде што становите имаат балкони, кои навидум лебдат во просторот.

Сепак, најнеобичниот проект на оваа фирма досега е таканаречениот „Холанд пигланд“, а се работи за 66 облакодери, во кои се одгледуваат свињи. Имено, познато е дека Холандија е најголемиот извозник на свинско месо во Европската унија. Според статистиката, во Холандија има подеднакво свињи колку и луѓе.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »