Петар Печков
Објавено: петок, 13 август 2010
Блага занимација за секој момент од живечката им нуди тој на купувачите, со секого ќе направи лаф муабет бидејќи е омилен и познат кај поголемиот дел од сограѓаните. Со импровизираната продавница на тркала секогаш е таму каде има настан, каде има луѓе, посебно деца.
Многу слабо оди не е како порано, кога имаше работа и имаше купувачи, занаетот полека изумира. Но не се предавам очекувам подобри денови, Македонија да влезе во ЕУ за да можам да отворам погон да вработам млади, бидејќи сам останав мајстор во Велес -објаснува Мемет кој со своите 56 години 40 години се занимава со оваа работа и е најстар и единствен бонбонџија во градот. Занаетот го учел со татко му, заедно со него бил многу години ги научил сите тајни и сега ја продолжува семејната традиција.
Тој нуди многу видови бонбони за сите вкусови, јатма – шеќер или шарени бонбони, ментол, дроп, свилени бонбони, леблеби шеќер и кој ќе касне ќе порасне, шеговите ги повикува купувашите. Потсетува дека најмногу децата се негови потрошувачи, тие секогаш се околу неговиот штанд.
Своевремено децата не знаеја за денешниве марки чоколада, туку растеа со моите шеќерлемиња. Тие најмногу трошеа и сега е така, но повеќе купуваат познати марки чоколада. Но знаат да застанат и побараат лижавчиња, бонбони, сусамчиња, јаболкца со шеќер, шеќерна волна – вели Пампуров. За постарите велешани неговите производи се бренд, како што се многу други познати светски марки, бидејќи со тие шеќерлемиња раснеле и пораснале.
А како и нема да бидат квалитетни кога таткото на Мемет работел како чирак кај најпознатото велешко семејство Палашеви кое произведувало благи работи. Од кај нив се префрлил и отишол во Јагода, фабрика за блага која на тоа време била дел од Маслодајна и каде подготвувал таан алва, локум, бонбони. Мемет за татко си со гордост вели дека бил високо квалификуван бонбониер, што е реткост во занаетот.
Најмногу се трошат за празници кога има некој собир кога има многу народ тогаш се бара, во другите денови помалку, Велигден, Балаклија, кога има некој спортски натпревар. Има колку толку, бериќатврсан има едно парче леб ама се надевам дека ќе биде подобро – рече Пампуров. Тој е присутен и на сите политички митинзи во изборните кампањи кога од бројната маса очекува дека ќе купи секој по нешто.
Додава дека и политичарите се негови муштерии, па знаат да се заблажат во нивната бурна работна агенда. Најмногу работа има од свадбите кога за потребите на младенците се купуваат по 2-3 килограми бонбони и тоа бели ментол. Задоволен е што им го заблажува животот на неговите сограѓани и во тешките времиња.
Tweet |