Зоран Николов
Објавено: недела, 04 јуни 2006
Фудбалска грозница го тресе целиот свет. Се раситнуваат последните неколку дена до почетокот на Светското фудбалско првенство во Германија, кое дефинитивно е настан број еден во светот во периодот што следува. Фештата ќе трае триесетина дена, од 9 јуни до 9 јули, па овде, во Македонија, дури ниту парламентарните избори и предизборните кампањи нема да го засенат спектаклот што го нуди најважната споредна работа на светот. Да, можеби е споредна, но за време на одржувањето на Светското првенство, дефинитивно, излегува во преден план и е главна. Милиони евра се вртат во модерниот светски фудбал, Роналдињо, Анри, Бекам, Зидан и останатите се идолите на младата популација во целиот свет, а Македонија, иако не може на друг план да се пофали со свој бренд, кој е почитуван и респектиран, тука има момци за трка. И тоа во Горан Пандев и во Александар Васоски. Израснаа во македонското фудбалско сивило, за среќа, брзо и навреме ја надминаа овдешната фудбалска средина и заминаа на печалба во странство, а сега играат во најдобрите фудбалски лиги во Европа. Горан Пандев е член на римски Лацио во Калчото, а Александар Васоски настапува за германскиот прволигаш Ајнтрахт Франкфурт во Бундес-лигата. „Мачедоне Ил Феномено“ Фудбалот е многу повеќе од игра, тоа е еден виртуелен свет каде што парите царуваат и ја вртат топката, а двајцата македонски мускетари Пандев и Васоски со своите одлични игри во Италија, односно во Германија, достигнаа вредност што, навистина, заслужува голем респект на европската фудбалска берза. Она што за Македонија пред петнаесетина години беше Дарко Панчев, најдобриот фудбалер на Македонија во изминатиот век, олицетворение за македонскиот фудбал на меѓународна сцена и посебно во Италија, каде што направи голем трансфер во Интер од Милано, сега дефинитивно е Горан Пандев. Младиот струмичанец, исто така, беше член на Интер, каде што премина од матичниот клуб Беласица, настапуваше за младинската екипа на клубот од Милано, а потоа во потрага по својот фудбалски идентитет во „чизмата“ се реши да замине на докажување во помали клубови (Анкона, Специа). Успеа да го докаже својот потенцијал, го доизгради во несомнен квалитет, а тоа успеа навреме да го увиди италијанскиот калчолигаш Лацио (Пандев беше дел од трансферот на Дејан Станковиќ од Лацио во Интер), каде што доби можност да покаже што знае во најквалитетната фудбалска лига во светот, Серија А. Пандев тоа го искористи на најдобар можен начин и за само две сезони енормно ја зголеми својата вредност на европскиот фудбалски пазар. Од талентирано момче кое од непознатата Струмица дошло во Милано за релативно мала сума се издигна до фудбалер што е носител на играта на Лацио, а неговата вредност во моментов се проценува на фантастични 12 милиони евра. За Пандев минатата сезона интерес покажа и моќната Барселона, нејзиниот технички директор Чеки Бегиристан беше на преговори во Рим со раководството на Лацио, но „лацијалите“ не беа подготвени така лесно да се откажат од македонскиот бисер, кого во Италија го нарекуваат „Мачедоне Ил Феномено“. Во превод тоа би значело „Феноменот од Македонија“, што дефинитивно го наметнува Горан Пандев како изграден спортски, фудбалски бренд што ја претставува нашата држава во странство. Многу лесно тука може да се прилепи и слоганот: „Купувајте македонски фудбалери, видете го Пандев и се е јасно!“ Цената на „Тетовче“ е 4 милиони евра Горан Пандев во моментов е во половична сопственост на два италијански клуба, Лацио и Удинезе. Тоа не е редок случај во Италија, но дефинитивно не му остава мир на македонскиот фудбалски репрезентативец. Тој одигра фантастична сезона во Лацио, постигна десет гола во Серија А, беше еден од водечките фудбалери на „лацијалите“, па Удинезе не сака така лесно да го испушти и веќе најави дека ќе води голема борба со римскиот клуб за да го донесе во Удине. Преговорите се се уште во тек, Пандев најави дека сака да остане во Лацио, каде што одлично се снајде, но веќе се појавија нови вести дека македонскиот феномен може да замине во редовите на англискиот премиерлигаш Арсенал. Понудата е фантастична, 12 милиони евра, кои менаџерот Арсен Венгер би ги одвоил за неговите услуги, од кои по шест милиони евра би поделиле Лацио и Удинезе. Сепак, фудбалската берза секојдневно носи нови трансфери, Арсенал одвои огромни средства за чешкиот репрезентативец Томаш Росицки, а тоа може да го стопира евентуални?т премин на Пандев во лондонскиот клуб. Но, тоа секако нема да ја намали вредноста на најдобриот македонски фудбалски бренд во моментов, кој треба да биде и еден од предводниците на нашиот национален тим во претстојниот квалификациски циклус за ЕП 2008 година. Горан Пандев игра во нападот, напаѓачите се дефинитивно најдобро платените играчи во фудбалската игра, но Македонија има право да се гордее и со одбранбениот фудбалер Александар Васоски. Од најтрофејниот македонски клуб Вардар пред една и пол сезона мина во редовите на германскиот бундеслигаш Ајнтрахт Франкфурт и за многу кусо време ја освои фудбалска Германија. Со својот клуб за шест месеци избори пласман во елитното бундес-друштво, а изминатава сезона таму имаше одлични настапи. Неговата вредност енормно порасна и по неполни две сезони одиграни во дресот на Ајнтрахт за него пристигнуваат одлични финансиски понуди за да ја промени средината. Прво загриза Херта од Берлин, се додаде и Вердер Бремен, во трката се вклучи и Баер Леверкузен, а најнов е интересот што за Александар Васоски го појавува рускиот гигант Локомотив Москва. Русите се подготвени за популарниот Тетовче, прекарот на Васоски, да одвојат 4 милиони евра за обесштетување за Ајнтрахт за да го доведат во Москва. Тоа е фантастична сума ако се знае дека Васоски од Вардар во Ајнтрахт, според некои неофицијални извори, мина за трансфер од 200.000 евра по сезона. Само 18 месеци подоцна неговата вредност е 20 пати поголема, со тенденција се уште да расте. Ако овие суми се споредат со месечната плата што Александар Васоски ја добиваше во Вардар, а изнесуваше 250 евра, тогаш јасно е каков е напредокот на македонскиот репрезентативец во последните две години. Исто како и Пандев, и Васоски за кратко време ја освои фудбалска Европа и стана своевиден македонски спортски бренд надвор од границите на земјата. Сега во Германија доволно е да кажете Васоски и сите да знаат од каде сте. Секако, тука не смее да се заборават ниту Николче Новески, интернационалецот што игра во редовите на германскиот прволигаш Мајнц, како и ветеранот Саша Ќириќ, кој остави длабоки белези со своите игри во редовите на Нирнберг, Тенис Борусија и во Кикерс Офенбах. Македонија на фудбалски план може да се гордее и со Гоце Седлоски, Ѓорѓи Христов, Петар Милошевски, Величе Шумуликоски, Игор Митрески, и уште голем број интернационалци што настапуваат во клубови низ Европа, но во моментов Горан Пандев и Александар Васоски се во фокусот на вниманието со своите одлични настапи во Лацио и во Ајнтрахт Франкфурт. Стефанов и Илиевски значајни во кошаркарска Европа Македонските кошаркари Врбица Стефанов и Влатко Илиевски одлично котираат во кошаркарска Европа и имаат завидно реноме. Со оглед дека во врвниот спорт, кој дефинитивно е голем бизнис, единствено мирисот на парите ја одредува вистинската спортска вредност, Стефанов и Илиевски се дел од елитата. Стефанов, кој сега настапува за турскиот клуб Улкер, во моментов заработува околу 500.000 евра годишно. Илиевски во италијанскиот тим Рома Лотоматика заработува околу 400.000 евра. Ако за споредба се наведе податокот дека најплатените европски кошаркари, како Бодирога, Туркчан, Кутлај, имаат годишни примања од околу 1.500.000 евра, тоа потврдува дека и Стефанов и Илиевски се дел од високото европско кошаркарско друштво. Панчев и Наумоски се уште недостижни Ако се фрли поглед на трансферите на македонските спортисти и нивната заработка во текот на кариерата, се уште недостижни се фудбалската и кошаркарската легенда Дарко Панчев и Петар Наумоски. Трансферот на Панчев од Црвена звезда во Интер пред петнаесетина години беше вреден 8 милиони долари, а Петар Наумоски своевремено во турскиот клуб Ефес Пилсен имаше годишна заработувачка од околу два милиони долари. Лазаров - најголем ракометен бренд Кире Лазаров, капитенот на машката ракометна репрезентација на Македонија и член на унгарскиот клуб Фотекс, исто така е спортист со кого можеме да се гордееме. Со одличните настапи во ракометната Лига на шампионите тој се избори за титулата најдобар десен бек во светот за изминатата година. Можеби годишната заработувачка во ракометот не е така баснословна, како во фудбалот и во кошарката, но вредноста на Лазаров во ракометни рамки е навистина голема и изнесува околу 300.000 евра годишно. Извор: [url=www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=1&EditionID=759&ArticleID=49431]Време[/url]
Tweet |