Петар Печков
Објавено: вторник, 28 јули 2020
Велешкиот пратеник Ненад Коциќ, досегашен претседавач на Советот на Општината, го обелодени документот кој го добил од директорката на Загребските гробишта, дека останките на Панко Брашнаров не може да бидат донесени во родниот Велес. Причината е едноставна, тој бил погребан во заедничка гробница, со други лица и не може да се пронајдат кои се неговите останки.
Ветивме во кампањата за локалните избори дека ќе ги вратиме моштите на Панко Брашнаров во родниот Велес, но за жал тоа е невозможно. Стапив во контакт со претседателот на Загрепската жупанија, кој ме препрати на одговорната на гробиштата во Мирогој, гробишта на град Загреб. За жал добив писмен одговор дека не е можно посмртните останки на Панко Брашнаров да бидат префрлени во Велес. Причина е што тој во 1971-та година бил погребан, префрлен во заедничка гробница со повеќе други лица - кажа Коциќ на прес-конференција.
Во писменото известување на „Загребски холдинг“ поддружнциа Градски гробишта е напишано дека „за жал не сме во можност да извршиме пренос на посмртните остатоци на Брашнаров, бидејќи се во заедничка гробница, заедно со голем број погребани, поради што е невозможно да се идентификуваат“.
Потомците на Панко, со години чекаа и се надеваа дека ќе им биде земена ДНК за да се идентификуваат неговите останки, откако пред десетина години беше пронајден неговиот гроб во Мирогој.
Панко Брашнар (9 август 1883 - 13 јули 1951 Велес) првиот претседавач на АСНОМ на 2-ри август во Прохор Пчински, бил македонски комунист, член на првиот Централен комитет на ВМРО (Обединета) и потпретседател на Президиумот на АСНОМ. При апсењето на Брашнар во 1928-та година петиција за негово пуштање од затвор потпишале 68 светски интелектуалци, меѓу нив и Алберт Ајнштајн, Анри Барбис, Јакуп Хурвиц, Регина Рубен. Во 1950-ва е уапсен поради неговата поддршка на Сталиновата резолуција, а следната година испратен на двегодишна ,,општествено полезна работа,, на Голи Оток, каде по неколку дена во мизерни услови, болен умира Панко кај велешани познат како „Народниот учител“ .
Тој ги заборавил личните задоволства и семејната среќа, пред желбата за слобода и човечко достоинство. Повеќе од десет години минал во бугарски, српски и југословенски затвори. Татко ми раскажуваше дека сите џебови на Панко биле сошиени, како да ги немал. Тоа било така за да не држи пари со себе, сите што ги имал ги давал. Потоа не сакал да се ожени, оти не сакал неговата фамилија да ги трпи последиците од револуционерната борба и ставовите кои ги имал – раскажа Елена Панова, правнука на Панко.
Tweet |