речник контакт

Панче Јамандиев, првиот македонски војник

Од војската останаа само спомените и еден шарпланинец

Петар Печков

Искрена, срдечна и топла човечка беше средбата на Панче Јамандиев и  Мумамед Рацај. Панче е првиот војник на АРМ а Рацај е тогашниот капетан кој го обучувал Јамандиев на војничките вештини. Тие неодамна, по многу години се сретнаа во велешката касарна Алексо Демниевски Бауман.  На приемот  во редовите на македонската армија, на првиот војник живо со радост се сеќава  сега генерал Мухамед Рацај. Иако се случи пред 22 години, овој важен ден остана трајно забележан во сеќавањето на генералот.

Го чекавме Панче на капија. Сите старешини, сите  кои бевме во охридската касарна, бевме построени за да го примиме првиот македонски војник. Мислам дека беше понеделник. Со голема радост го дочекавме тој момент. Во службата  беше војник, стрелец. Одлично и беспрекорно ги извршуваше неговите задачи. И многу скромен, таков остана и до ден  денес – вели Мухамед Рацај генерал на АРМ, кој долго на средбата  се грнеше со Панче.

Очигледно дека времето не е пречка за старите пријатели од армијата по толку години да се  искаже взаемната почит и разбирање, иако едниот бил војник другиот војно лице со чин.     

Имам прекрасни сеќавања на април 1992. Резервисти ме пречекаа на рамо ме носеа.  Имав чест тој ден заедно да ручам и вечерам со тогаш капетан, денес генерал, Рацај, со полковникот Хајба.  Морам да кажам дека Рацај беше голем војник. Таков остана и денес. Со големо срце и војничко и човечко. Ретки се таквите луѓе, старешини – рече Панче, кој влезе во историјата како прв Македонец што застана во стројот на АРМ.

Во касарната во Охрид се јавил на 13 април 1992,  тоа било  понеделник попладне. Се сеќава на средбата со капетан Рацај, со полковникот Словенецот Јосип Хајба  кој исто така го пречекал. Јамандиев си припомнува на одличниот прием.

Во тие времиња, тоа беше значаен настан - формиравме наша војска. Како прв војник бев и медиумски присутен во јавноста, на МРТВ во ударните вести, во весниците. Уште следниот ден, дотеран во нова униформа бев примен и од градоначалникот на Охрид - се потсетува Панче.

Со задоволство ја покажува и воената книшка, во која е запишано дека воениот рок го отслужил во периодот од 13 април 1992 до 12 јануари следната година. Додека стигнале првите војнички колеги, на 15 април вечерта, тој тренирал  местење кревети и постелнина. Пред почетокот на обуката работел и на разгласот, и тука, условно кажано, завршуваат неговите привилегии како прв војник што се јавил на отслужување на воениот рок во АРМ.

Обуката, која траеше 45 дена, ја минав задолжен со рачен фрлач, а потоа добив прекоманда на караулата Преслап, Битолско. Чесно го отслужив долгот кон народот и државата, без ниту еден ден отсуство. Во тоа време на Балканот вриеше, беше тоа време кога многу мајки беа завиени во црно а на север  беснееше  војна.  Се нижеа денови и месеци а средбите со нелегалните минувачи  на граница не беа реткост.  Караулата каде бевме сместени, беше  на патека која се издигаше високо, чиниш до небото. Тука го засакав и шарпланинецот, нераздвоен борец и соборец.– вели Јамандиев.

Таков еден  пес  доби  пред неколку години од АРМ во спомен на тоа што е нејзиниот  прв војник. Тоа е единствениот спомен.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »