речник контакт

Панче Ќумбев, претседател на Синдикатот на фудбалерите на Македонија

На фудбалерите им скисна од феудални услови, па решија синдикално да се организираат

Петар Печков

Кога ги гледаме од трибините или на телевизија, навиваме и од нив очекуваме да „гинат“ на теренот. Добарa  борбена и пожртвувана игра во одбрана, акција убава за очи, прецизен шут. Бараме и се радуваме по победа, а ги пцуеме по пораз. Ќе заврши натпреварот и си одиме дома или го менуваме ТВ-каналот. А во пракса, македонските фудбалери на многу терени во земјава се прибираат во мувлосаните соблекувални со шајки по ѕидовите.

Како што опишува поранешниот репрезентативец Панче Ќумбев, во некои од нив има само дупки за вршење нужда наместо веце-школки. Тушевите се замислен луксуз. Откако ќе се изгаснат рефлекторите на терените, тие со повредите си одат дома без здравствено и пензиско осигурување. Некои од нив и без плата по неколку месеци. Според Ќумбев, на најголемиот дел од играчите на крајот на кариерите стажот им е еднаков на нула работни денови.

Во Македонија професионално играв осум години, а немам ниту еден единствен ден работен стаж. Во Полска играв седум години и имам исто толку работен стаж. Настрана што сум бил репрезентативец и во младата и во А-репрезентацијата, сум бил шампион на Македонија, имам освоено куп и повторно тука немам ниту еден ден стаж, ниту осигурување здравствено или пензиско, ништо. И децата кои сега играат утре ќе завршат со фудбалот на 35 години и нема да имаат ниту стаж, ниту занает, ниту осигурување  – вели триесет и тригодишниот Ќумбев, кој е иницијатор на од скоро формираниот Синдикат на фудбалери на Македонија.

Тој објаснува дека фудбалерите во Македонија играат во мизерни услови. Најголемиот дел од нив не си ги знаат работничките права, а често по години трчање по терените кариерите ги завршуваат без пари, со повреди, без алтернативен занает и со многу мала перспектива што да прават потоа.

Тој тврди дека околу 70 проценти од играчите немаат никакво осигурување. Трошоците за лекување на повредите ги покриваат клубовите само кога газдите или претседателите ќе пројават желба. Често се случува да се договори една плата, а потоа да се добие неколкукратно пониска. Некои од нив не знаат ниту на колкави суми им се трансферите во странски клубови, но и уште почудни ситуации.

Владее мислење дека фудбалерите се професионалци и земаат милиони и милиони, а ви гарантирам дека половина лига нема пари ниту за кафе. Лично знам дека четири кола игравме со клубови во Европа без денар во џеб. Тоа не е професионален фудбал, ниту да тренираш во тренирки стари 10 години. Може да се лажеме колку сакате, ама тоа не е професионализам – резимира претседателот на синдикатот, Ќумбев.

текстот е преземен од телеграф.мк

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »