Петар Печков
Објавено: среда, 23 септември 2026
Учениците од велешката гимназија „Кочо Рацин“ ја одржаа „Парадата на мирот“. Годинава тоа беше по 13 пат, беше во соработка со Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ со мотото „Стоп за врсничкото насилство“. Учениците од гимназијата, заедно со учениците од деветто одделение, испратија јасна порака- мирот започнува таму каде што завршува омразата.
„Парадата беше уште еден потсетник дека против насилството не треба да молчиме. Со зборови на разбирање, со почит и со заеднички чекори можеме да создадеме свет во кој секое дете ќе се чувствува безбедно, прифатено и вреднувано. Заедно против насилството, заедно за мирот“ – порачаа учесниците на парадата.
Таа беше традиционално организирана по повод 21 септември – Светскиот ден на мирот, во рамките на проектот „Мировно образование“. Со своите пораки, младите повикаа на почит, прифаќање, емпатија и безбедна средина за секој ученик.
„Биди причина некој да се чувствува безбедно, а не уплашено“, „Секое насилство е пораз, секој мир е победа“, „Насилството остава рани, мирот остава траги“, „Модриците ќе исчезнат, но болката ќе остане“, „Нека наместо солзи- насмевки, наместо страв – надеж, а наместо омраза – љубов“.
фото Гимназија Кочо Рацин
| Tweet |















