Петар Печков
Објавено: понеделник, 06 октомври 2014
Парите за двојните избори пролетва ќе бидат исплатени, но треба да се провери пристигнатата документација, се огласи министерот за финансии Зоран Ставревски при денешната посета на Велес. По молкот во јавноста за дилемата, дали кога ќе бидат исплатени парите кон Општинските изборни комисии и избирачките одбори, Ставревски со делумен одговор. Парите ќе бидат исплатени, но не прецизираше кога.
Треба да се провери документација, Ако таа е во ред, исплатата може бргу да се реализира – изјави кратко Ставревски одговарајќи на новинарско прашање.
Во април имаше двојни избори, претседателски и парламентарни, а пет месеци потоа, на почетокот од октомври парите за одборите ги нема. Во Македонија имаше 3.480 избирачки места каде беа ангажирани по десет лица или вкупно 34.800 во избирачките одбори и 81 Општинска изборна комисија со по 10 члена, тоа се 810 лица. Или само во земјава пари чекаат околу 35.610 лица, ангажирани во изборниот процес.
Претходно претседателот на ДИК Никола Рилковски, за исплата на парите од двојниот изборен процес, упати за одговор до Министерството за финансии, кое според процедурата треба да ги исплати трошоците. Рилковски изјави дека ДИК одамна ја завршила нивната обврска, на почетокот на јуни, кога ги подготвила пресметките и ги доставила до Министерството за финансии.
Според податоците од ДИК, станува збор за исплата на сума од околу 2,5 милиони евра. Од нив нешто повеќе од 285 илјади евра треба да бидат префрлени на Општинските изборни комисии. Најмногу пари, односно 2,1 милион евра треба да бидат префрлени на членовите на Избирачките одбори и на нивните заменици.
Tweet |