Петар Печков
Објавено: понеделник, 01 февруари 2016
Советот на Општина Велес на петочната седница донесе одлука финансиски да им помогне на сопствениците на изгорените куќи кај Мегдан и кај Варналиите. Македонски Јовановски чија куќа изгоре до темел на улица Св. Кирил и Методиј бр.46 и Марика Гуцева чија куќа изгоре исто така до темел на улица Благој Јосмов бр. 19 ќе добијат по 70 илјади денари како материјална помош од Општина Велес.
И двете лица, Гуцева и Јовановски немаат друго место за живеење и сега се потстанари. 10 илјади денари ќе добие Тодорче Ѓоргиев како финансиска помош за искачувањето на врвот Ухуру на планината Килиманџаро Африка.
Советот донесе едногласна одлука да се откупи куќата на Марика Бачманова, која се наоѓа на улица Љубен Весов бр.58. Сопственикот на куќата побарал да го продаде објектот - семејна куќа, која по пожарот минатата година е во лоша состојба и во неа не живее никој. Од стручните лица било утврдено дека куќата е пред паѓање и може да предизвика материјална штета, која ако се случи, ќе ја сноси локалната власт.
По купопродажбата Општина Велес може да изврши нејзино уредување за потребите кои ги има. Куќата е на фреквентна позиција, на аголот кон спомен куќата на Кочо Рацин и е грда слика за посетителите но и минувачите. Вредноста за која ќе биде откупена е 4 илјади евра.
Tweet |