Петар Печков
Објавено: четврток, 19 ноември 2026
Локалната власт финансиски ги награди наградените ученици од средно и основно образование oд Велес, кои освоиле прво, второ или трето место на државни или меѓународни натпревари. Беа наградени и нивните ментори.
За прво место учениците добиваат по пет илјади денари, за второ место, четири илјади и за трето место три илјади денари. Се однесува за натпревари одржани во текот на училиштната 2025/26 година. Манифестацијата беше дел од содржините на одбележувањето на 9 Ноември, Денот на општината.
„Признанијата кои ги доделуваме трета година вродија со плод - бројката на наградени оваа година повторно е зголемена. Посакувам нивната мотивираност да расте и во иднина и храбро да продолжат по патот на успехот, а Општина Велес ќе биде тука и понатаму да го препознае и вреднува нивниот труд“ – порача градоначалникот Марко Колев.
Признанија добија 126 ученици и 50 ментори од пет основни училишта и на 56 ученици и 37 ментори од три средни училишта во Велес. Доколку ученикот имал повеќе пласмани меѓу првите три, добива една награда и тоа за најдоброто, највисокото освоено место.
Лани беа наградени 123 ученици и 44 ментори од основните училишта и на 44 ученици и 22 ментори од средните училишта. Првата година награди добија 106 ученици и 58 ментори.
фото Општина Велес
| Tweet |













