речник контакт

Партиска кавга за чиј да биде цевководот на ЈКП Дервен

Укажувањето на државниот инспектор за водостопанство, дека цевководот од езерото Лисиче до фабриката за вода во Велес, треба да премине под државна капа, ги спротивстави советниците од локалната власт.

Петар Печков

 Опозицијата остро се противи цевководот, кој е општински имот да биде  во државно владение,  додека позицијата смета дека државата уште подобро ќе се грижи за него. Цевководот кој е во должина од 19,5 км е изграден со средства од самопридонесот на велешани од средината на `80- тите години  на минатиот век,  пари собирани во два  наврати за осум години и со него се носи водата за пиење од езерото Лисиче до фабриката за преработка на вода, која работи во рамките на ЈКП Дервен.

Според Законот за комунални дејности и Законот за водостопанство, Државниот инспектор  препорача дека цевководот треба да премине во сопственост на државата. Постојат различни проценки за финансиското учество на граѓаните, кои преку самопридонес го граделе Хидро - системот Лисиче. Затоа треба да се формира комисија од членови на ЈКП Дервен, Општина Велес и Владата,  за да процени  колкав е делот на капиталот на ЈП Лисиче, обезбеден преку самопридонес на велешани и фирмите од градот – изјави Ѓорги Коџобашиев, директор на ЈКП Дервен. 

Тој потсети дека законот пропишува водата  која се доставува до потрошувачите преку цевковод, за негово одржување и дистрибуција да се грижи ЈП за водостопанство кое е во државно сопственост.  Опозицијата не се согласува цевководот да се препушти на државата и таа да стопанисува со него. За нив е спорно голем инфраструктурен објект,  кој  се градел со народни пари и е општинска сопственост, да се даде на државата да управува со него.

Цевководот  е главниот адут со кој градот Велес треба да настапува при преговорите за цената на водата која ја испорачува ЈП Лисиче на ЈКП Дервен. Да се откажеме од овој објект кој има капитално значење е неодговорно. Можеме да го дадеме под концесија и на тој начин да се компензира цената на водата. Така и Дервен како општинско јавно  претпријатие ќе има бенефит  – вели Зоран Георгиев член на опозиционата СДСМ, потсетувајќи дека од почетокот на годинава ЈП Лисиче, кој е во државна сопственост, наплатува 2,36 денари за испорачан кубен метар вода  на ЈКП Дервен, кој е под локални ингеренции.

За вредноста на цевководот, кој е во должина од без малку 20 км.  советниците од СДСМ  оперираат со бројка од 10 милиони евра, со колку градот учествувал во изградбата на Хидросистемот Лисиче, директорот на ЈКП Дервен со сметка дека цевководот чинел 1,5 милиони евра од кои 650 илјади се амортизирани и неговата сегашна вредност е 850 илјади евра.

Зошто се крева толку врева кога и државата се грижи исто така, како што општината се грижни за нејзините добра. Дали никој не разбира дека тој цевковод  треба да се одржува и долгорочно во него натаму да се инвестира, во тоа што досега е изградено – изјави  Александар Колев советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Директорот на ЈКП Дервен  Ѓорги Коџобашиев го смири страстите најавувајќи дека последниот збор и конечната одлука за тоа дали цевководот  како општински ќе премине   во државна сопственост, ќе  ја донесат советниците.  

Поранешен член на раководството на ЈКП Дервен, за Дневник  посочува дека додека се градел цевководот од  Лисиче до Велес, во период од осум години, додека траел самопридонесот, секој месец се прибирале по половина милион германски марки или тоа преведено  во денешни услови би било дека велешани и претпријатијата тогаш  собрале 24 милиони евра, наспроти вкупната вредност на системот од 64 милиони евра.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »