Петар Печков
Објавено: четврток, 03 октомври 2024
Во просториите на Јуроп хаус во Велес отворена е изложбата „Милтон“, посветена на браќата Милтон и Јанаки Манаки. На 12 паноа, организаторот Државниот архив презентира дел од богатото фото наследство, фото документација на пионерите на фотографијата во Македонија, битолчаните Милтон и Јанаки Манаки.
„Фондот браќа Манаки е можеби најбогатиот и најколоритен, фотографски кој го имаме во државата, брои околу 20 илјади фотографии. Браќата Манаки се Балкански пионери на фотографијата, биле различни од другите, единствените кои излегувале на терен, фотографиите ги создавале патувајќи во околината на Битола, и регистрирале настани. Периодот во кој работеле и живееле е најтурболентиот во историјата на Европа и Балканот како седиште на тие настани. Фотографиите се од крајот на 19 век се до 60 години на минатиот век. Ги имаме на стаклени негативи, рол план филмови и 10 илјади оригинални фотографии“ – кажа Гоце Стојановски еден од авторите на изложбата, раководител на одделение на Државен Архив Битола.
Изложбата ќе биде поставена до 18 октомври, со присутен вработен од Државен архив Велес, кој на заинтересираните ќе им ја раскажат приказна за браќата Манаки.
„Од материјалот со кој располагаме 95 отсто е дигитализиран. Проектот го работевме со Британска библиотека и фондација Аркадија, преку нивен грант. Материјалот е дигитализиран исклучиво со вработени од Државен архив Битола и тоа десетмина архивисти, во период од две години. Освен што е дигитализран тој е и конзервиран, заштитен, препакуван и на него нема потреба дополнително да се работи, што ќе рече дека е заштитен. Материјалот е достапен во битолското одделение на Државен архив. Но уште позначајно е што целокупниот материјал ќе биде објавен на платформата на Британска библиотека некаде околу Нова година. Така ќе биде достапен за целата светска јавност“ – додаде Стојановски.
Tweet |