речник контакт

Патувањето со воз, ефтино а недостојно

До 2014 година состојбата ќе биде ваква или слична, кога ќе се набават пет нови модерни гарнитури возови

Петар Печков

Состојбата во возот што сообраќа меѓу двата најголеми македонски града - Скопје и Битола, најмалку може да се спореди со онаа во јапонските возови, како што во минатата седмица претставникот на „Македонски железници“ сакаше да се оправда за метежот пред разлутените граѓани. Велешките патници тогаш беа многу револтирани од намалениот број вагони во сообраќај, што придонесуваше за големи турканици и од зголемената цена на превозот, па го блокираа железничкиот сообраќај.

Нехигиената, смрдеата, состојбата и изгледот на возот не можат да се споредат со ниеден вид транспортно средство достојно за векот во кој и континентот на кој живееме. Разликата меѓу нашите и јапонските возови е барем двесте години.

На сардини им е покомотно

Свирката на испратничарот го означи тргнувањето во 14.30 часот на возот што до Битола оди преку Велес, Богомила и Прилеп. Вратите се затворија и започна патувањето за кое уште надворешниот изглед на композицијата навестуваше дека нема да биде пријатно. Лошиот мирис и локвата од истурено кафе на подот стасаа само како потврда на првиот впечаток.

Ходникот беше преполн со изморени патници, кои стуткани изгледаа како едвај да чекаат да стигнат до саканата дестинација. Други, седеа покрај нив, потпрени на издигнатите ѕитчиња покрај прозорците. Тоа не се места за седење, но патниците импровизираат. Фаќањето седиште во купе е секојдневна борба.

 Вака е секој ден. Во петоците и неделите е неиздржливо кога патуваат и студентите што студираат во Скопје. Тогаш нема место ниту каде да се стои. Се седи и меѓу вагоните и до тоалетите. Уште потешко беше кога беше пуштен возот со три вагони, чиј капацитет е уште помал. Секој ден патувам од Велес до Скопје, оти работам на објект од „Скопје 2014“. Само од Велес сме околу 200 работници на овој проект. Затоа и протестиравме, за да пуштат воз со повеќе вагони. Сега плаќаме поскапа месечна карта - 2.340 денари, а беше 1.450 и што добиваме за тоа? Навалица, смрдеа и нечистотија - вели еден велешанец.

Без парно и интернет, далеку од Европа

Студентка од Прилеп на Филолошкиот факулет во Скопје, која имала среќа да зграпчи слободно место во купето, вели дека вака е секој петок кога студентите се враќаат дома.

Возовите се стари, дотраени, а згора на тоа и не се одржуваат. Да не ти текне да влезеш во тоалет. Принуден си да издржиш до дома. Се возиме бидејќи, засега, ова е најевтиното превозно средство. Имаме студентски попуст со студентска легитимација, но и тоа ни е скапо. Со воз до Прилеп повратна карта ме чини 350 денари, а со автобус 450 денари - вели Марија Бошкоска.

Друг прилепчанец, кој работи во Скопје во приватна фирма, вели дека зимоска измрзнал како куче.

- Воопшто немаше парно. Наседнати сме како стока по ходниците. И како да не е ова доста, возовите доцнат. И по два часа доцнат - вели Миле Попоски.

Битолчанецот Горан Стевановски, студент на Медицинскиот факултет, на шега вели дека сака да има и интернет во возот. Го имаше својот лаптоп во рацете, но вели, бескорисен е вака. На ова патување тој седеше во „спешл“ купе со кожени седишта, во реставриран вагон.

Далеку се нашите возови од оние во Европа. Се наплатува за нешто што воопшто не го добиваш, а билетот поскапе за 50 отсто. Би било добро барем да може да се резервира билет. Тоа сега е можно само во експресниот воз, но е двојно поскап. Затоа настојував барем да најдам место во еден од реновираните вагони - вели Стевановски.

Штедливиот „шпанец“

Kондуктерот во возот Славчо Митревски вели дека овие вагони некогаш оделе за Белград. Објаснува дека таму биле исцртани со графити, а засега само два од петте се реновирани.

По два до три вагони се обновуваат на секои 4 години, а секој месец се проверуваат тркалата. Овој воз конкретно има пет вагони, а секој собира по 66 патници, вкупно има околу 400 места. Оној што досега сообраќаше, а за кој протестираа работниците од Велес, е од шпанските и е со 2,5 вагони. Според месечните карти, од Велес имаме околу 700 редовни патници, но го пуштавме помалиот воз заради поголема економичност и помали трошоци. Овој со пет вагони до Битола и назад троши два тона нафта, а шпанскиот 400 литри. Тоа е огромна разлика - раскажува Митревски и додава дека возовите во просек се стари од 25 до 30 години, а оние што биле постари од 30 години се исфрлени од употреба.

„Уште само две години, уште само две години...“, можат само да си повторуваат во себе патниците за да им помине побрзо патувањето. До 2014 година состојбата ќе биде ваква или слична, а тогаш, според генералниот директор на „Македонски железници”, Оливер Деркоски, треба да се набават пет нови модерни гарнитури возови во кои ќе има и интернет. Ќе чинат 45 милиони евра, а ќе се купат на кредит.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »