Петар Печков
Објавено: четврток, 29 октомври 2015
Мефаил Алиов (43 год) од велешкото село Горно Јаболчиште доби пет години затвор за убиство во обид. Настанот се случил пред 16 години, а на Алиов му се суди откако бил откриен зимата 2013-та во Италија, како се крие, а бил баран од македонската полиција по Интерпол.
Според обвинението на 25 јануари 1999 година, на велешкиот пазар околу 14 ч. Алиов заедно со неговиот брат, тогаш малолетник кој веќе ја отслужил казната, од безобѕирна одмазда се обиделе да убијат двајца соселани од Горно Јаболчиште.
Едниот од оштетените бил учесник во убиството на брат на обвинетите, па тие сакале да се одмаздат . Алиов и на Градскиот пазар кога ги видел двете лица, го извадил неговиот пиштол марка Ц.З. 7,65 мм кој го поседувал без дозвола, и испукал пет куршуми во правец на оштетените.
По ова тие се дале во бегство влегле во кафеана, Алиов трчал по нив и испукал нови три куршуми во објектот, од кои едното лице се здобило со прострелни рани на нозете. Алиов бил во Италија во екстрадиционен притвор една година, период кој му се засметува како дел од изречената затворска казна.
Вештаците утврдиле дека Алиов делото го сторил со умисла, од безобѕирна одмазда. Тој пак пред судот во Велес се бранел дека пукал во самоодбрана, дека први кон него пукале оштетените. Пресудата е правосилна.
Tweet |