Петар Печков
Објавено: петок, 21 јануари 2011
Пет години затвор за тројцата битолчани кои пред три месеци ограбија ја златарницата Б.Б. во центарот на Велес, Ермин Мустафов (41 год) доби три години а по една добија Алмедин Саитоски (18 год) и Мират Камбери (19 год). Тие беа прогласени за виновни во Основниот суд во Велес, по препознавањето од страна на вработената.
Тројцата обвинети ќе треба да и платат обештетување од 1,2 милиони денари на златарницата за ограбеното злато. На четвртиот учесник во грабежот Д.М. (15 год) согласно законската регулатива, како малолетник ќе му биде судено во родната Битола. Мустафов беше обвинет за тешка кражба, додека Саитоски за соизвршителство во тешка кражба а Камбери за помагање при извршување кривично дело тешка кражба.
Четворицата пријавени лица со патнички автомобил од Битола допатувале во Велес на 20 септември лани со намера да ограбат златарница. Мустафов како организатор на грабежот, влегол во златара – парфимерија Б.Б. каде од вработената побарал да разгледа златен накит и часовници од излогот, со цел да го сврти вниманието.
Тогаш во продавницата, според договорот, влегле малолетникот Д.М и пријателот Саитоски кои исто така побарале да видат часовниците. Додека вработената била во близина на излогот да го услужи Мустафов, Саитоски застанал зад неа, прикривајќи го Д.М. кој ја одзел ролната во која стоел златниот накит во вредност од 1,2 милион денари.
Двајцата не купиле ништо и ја напуштиле продавницата. Мустафов пак купил еден од часовниците и откако вработената му го наплатила, не чекајќи да добие фискална сметка набрзина си заминал. Сите тројца заедно истрчале до колата каде ги чекал Камбери, по што побарале да вози што побргу и заминат од Велес. Кога застанеле на бензинска пумпа на автопатот кон Скопје Камбери забележал дека џебот на Д.М. е полн со златен накит. Саитоски му признал дека од Велес украле златен накит, но за ова да молчи пред полицијата, за што би бил добро награден.
Набргу биле фатени токму на оваа бензинска пумпа од страна полицијата а случајот решен во Основниот суд во Велес, со затворски казни за сторителите. Мустафов како сторител на други вакви дела останува во притвор како и Саитоски бидејќи додека делото било во истрага и бил во домашен притвор, бил фатен на граница во обид да ја напушти Македонија. Камбери до правосилноста на пресудата ќе биде на слобода.
Tweet |