Петар Печков
Објавено: понеделник, 25 јуни 2012
Пет дена од вторник до сабота, Велес ќе биде домаќин на фолклорните ансамбли од седум земји и повеќе стотина учесници. По деветти пат фолклористите од Европа а овој пат и од Азија ќе ги претстават звуците и носиите на земјата од каде доаѓаат.
До 30 јуни годинава, во пет фестивалски вечери, вкупно 18 ансамбли од 8 земји, Македонија, Србија, Словенија, Бугарија, Романија, Унгарија, Русија и Малезија ќе го создадат сплетот на фолклорното богатство на народите овде, во центарот на Велес - најави Томе Јаневски претседател на организациониот одбор.
Концертите ќе се одржуваат во Амфитеатарот од Младинскиот парк, секоја вечер со почеток во 20,30 часот. Освен гостите од странство на фестивалот ќе учествуваат и десет македонски фолклорни друштва. Освен велешани, можност да видат дел од странските ансамбли ќе имаат и Свети Николе, Чашка и Кавадарци, каде ќе се одржат концерти.
Учесници се Фолклорниот ансамбл Владени и Фолклорниот ансамбл „Валуриле Дунариј“ - Слобозија, Романија, Фолклорниот ансамбл „Емона“ – Словенија, КУД „Зора“- Унгарија, Детско –младинскиот танцов ансамбл „Дунавска младост“ – Бугарија, Градскиот ансамбл „Славица“- Русија, Културната танцова група од Малезија во чиј состав ќе настапат Танцовата група „Рафлезиан“ и Клубот за уметност и култура, КУД „Гоша“- Србија.
Годинешното издание на фестивалот ќе го збогатат македонските ансамбли: Ансамблот „Керамичар“ – Велес, Ансамблот „Распеани пензионери“-Велес, Ансамблот „Распеани велешани“- Велес, Фолклорниот ансамбл „Јени јол“ –Скопје, Фолклорниот ансамбл „Тиквеш“- Кавадарци, КУД „Коле Неделковски“- Велес, Фолклорниот ансамбл „Јанко Глигоров –Св. Николе, Фолклорниот ансамбл „Вила Зора“- Велес и Оркестарот на традиционални инструменти „Зора“ –Македонија.
Фестивалот ќе започне традиционално со дефиле на учесниците низ улиците на Велес, во вторник (26 јуни) 2012 година, во 19:30 часот. Веднаш потоа, во 20:30 часот, на сцената во амфитеатарот во Младинскиот парк свечено ќе биде отворено деветото издание на фестивалот со учество на ансамбли од Македонија, Романија, Словенија, Унгарија, Бугарија и Русија. Во случај на лоши временски услови, фестивалските вечери ќе се одвиваат во спортската сала „Гемиџии“.
Tweet |