речник контакт

Петровден, ден на шивачите

Порака од Владиката Кирил и двајца да сте, да се собирате!

Петар Печков

Велешките шивачи го славеа Петровден. Овој празник е нивен патрон, па 20-тината мајстори од Велес, со собраа во црквата Св. Пантелејмон.  Тука се секој 12 јули, на големиот верски празник Св. Петар. Годинава кум или домаќин на дружењето беше  Љубомир Несторов Чаро.

Доаѓаме в црква, толку колку сме.  Се носи леб, погача, попот ја пее. Се крши и кој ќе го добие паричето, е домаќинот до година.  Кога ќе  завршиме се собираме тука во ресторан  и прославуваме. Не се времињата такви како што беа, ама сепак еве најдовме време да се дружиме  - рече досегашниот кум Несторов.

Велес отсекогаш бил град на занаетите и занаетчиите. Традицијата на нивното собирање не е прекината ниту по еден век на другарување и забава. Некои занаети одумирале, други се раѓале а занаетчиите од градот се дружеле.  Така е и секој Петровден, кога се собираат занаетчиите  шивачи, шнајдери или по модерно модисти. .Највозрасниот на денешното дружење беше Панче Ончев. Иако пензионер не ја пропушта можноста да се види и дружи со поранешните колеги.

Собирањето на шнајдерите во Велес има традиција, од почетокот на минатиот век. Велешани сакале да бидат во тренд и модерни. Шивачите ја  следеле модата и градот секогаш имал убаво дотерани граѓани. Оваа традиција е одамна. Прекината во 60-тие обновена во средината на 70-тие. Се сеќавам бевме исто овде во тремот на црквата, 65 луѓе само мајстори, а да не зборувам  за калфи и чираци, еден заамет народ. Одеднаш се  појави едно црно волво и ние се чудевме кој иде со ваква кола. Кога од неа излезе Владиката Кирил. Дојде до нас и ни кажа дека разбрал дека во Велес  не Петровден се собираат шивачите. Не пофали и ни порача, дека не смееме ова да го прекинеме. Затоа на младите им пренесувам, и двајца да се да се собираат. Петровден е празник на шнајдерите, да се знае  - рече  Ончев.

Според постарите шивачи Петровден е нивен празник, оти Св. Петар е кројачот на судбината на луѓето, тој решава за животите. Судбината сакаше баш пред овој ден, пред нивниот празник  да  почине најстариот велешки модист, Јован  Босотов  или како што самиот се дефинираше френк терзија. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »