Петар Печков
Објавено: четврток, 28 јули 2011
На 23 септември напладне Ѓоре Петровски ( 42 год) ќе седне на обвинителната клупа во Основниот суд во Велес, откако завчера попладне беше испорачана од САД во Македонија. Така по 14 години престој во САД се враќа дома во Македонија, но сега со престој во истражниот затвор ,,Скопје,,. Тој е обвинет за нарачател на убиството на старецот Лазо Милошевски во велешкото село Ореше, кое се случи во на 2-ри декември 2005-тата година. За ова дело, според обвинителството тој платил 20 илјади долари. ,,Дневник,, по апсењето на браќата Љупчо и Ордан Ѓоргиевски, кои се обвинети дека се сторителите на убиството, стапи во телефонски контакт со Петровски, кој 14 години живееше на Флорида САД. Тој тврди дека е невин.
Мене и моите пријатели, осомничените браќа, некој не мести за овој случај. Точно е дека им испратив пари, но тие беа строго наменски, за опремување на манастирот „Св. Ѓоргија“ во село Ореше. Испраќав по 500 долари преку „Вестерн унион“ во неколку наврати. Парите се оставани пред олтарот, а потоа се земени од Црковниот одбор. За ова има многу сведоци. Нека се јави некој човек што од мене побарал помош, а јас не сум му помогнал. Ако се изнесат докази дека стојам зад убиството, со првиот лет ќе дојдам од Флорида за Македонија за да ја докажам својата невиност – тврдеше Петровски во телефонскиот разговор, пред да биде уапсен од ФБИ.
Тој објасни дека одлично се познавал уште како деца со осомничените браќа. Гастарбајтерот вели дека го познавал и Милошевски, но негира дека некогаш изјавил дека Лазо стоел зад обидот за негово убиство. Во 1995 година на Петровски од непознат сторител, било пукано кај Орешка станица. Тој бил погоден во вратот, а куршумот му излегол низ образот. Иако тешко повреден, преживеал, а по две години ја напушта Македонија и од 1997 година живее во САД. Тој раскажувал во селото дека на него пукал Милошевски, и кога тогаш ќе му се одмазди. Семејството тешко ја примило веста дека Ѓоре е осомничен за нарачател на убиството.
Велешкиот суд не го побара Ѓоре на било која адреса да дојде да даде исказ за кривичното дело за кое се сомничи. За сите овие години откако е во САД, тој не ја променил адресата на живеење и адресата е иста, но никој не се обиде на неа да му испрати покана за пред суд. Мојот сопруг не се криеше на Флорида но не можеше да ја издржи состојбата на секојдневни обвинувања на негова сметка и шпекулации дека поради освета го нарачал убиството или омраза најмил некого да ја запали селската амбуланта и продавница. Тој тешко се носеше со овој товар – вели неговата сопруга Весна Петровска.
Таа е уверена дека сопругот Ѓоре ќе ја докаже неговата невиност, во судскиот процес и ќе ги открие лажните сведочења на неговите довчерашни познаници и пријатели. Петровски во притвор во САД беше од јануари 2009-тата, 30 месеци, додека завчера не беше испорачан во Македонија. Адвокатот на обвинетиот најавува дека ќе се води битка и со процедурата, бидејќи неговиот клиент бил депортиран а не екстрадиран.
Петровски е депортиран во Македонија, така пишува и во налогот со кој од САД е испорачан во Македонија. Барањето за екстрадиција беше отфрлено уште пред две години. При неговото апсење, американските власти констатирале дека нема легален престој во САД, поради што беше држен во имиграционен притвор до сега – изјави Коста Нојков адвокат на Петровски во случајот нарачано убиство Ореше.
Против Петровски има уште една истрага во велешкиот суд. Тој е осомничен дека платил 800 долари на жител од Ореше, за да подметне оган во дуќан на негов соселанец, затоа што сопственикот, на погребот од таткото на Петровски изрекол лоши зборови а по некое време гробот бил и осквернавен. Гастарбајтерот од САД како одмазда најмил соселанец, гој го запалил дуќанот а со него изгорела и селската здравствена амбуланта.
Tweet |