речник контакт

Печурката роди по велешките планини, сите на берба

Цената достигна до високи 230 за кг а поради големата берба падна на 100 ден

Петар Печков

Планините во велешко две седмици се ,,окупирани,,  од собирачите на печурки.   Дождовите кои паднаа кон крајот на август, придонесоа  со влагата а потоа   сонцето и топлото време, печурката да ја има во голема количества.

 Велешките планини Јакупица, Даутица, Караџица, оживеаја за кратко.  Се собира вргањ и јајчарка а берат и старо и младо,  секој кој може, со цел да се збогати домашен буџет. 

Ова што го видов изминатиот викенд, не се случило откако берам печурки, со години, две децении. Планините беа преполни со луѓе, кои се решиле да собираат. Видов жени и по седумдесетина години, но и млади од по дваесетина. Се рекло носи пари, ја има и еве за кратко време, имаме стотици  специјалисти ,,печуркари,, - вели велешанецот Борче Димов, кој  со години собира печурки.  

Есенва неа ја има во реонот на Азот, селата Бистрица, Богомила,  Ореше,  Теово, Нежилово  потоа во Лисиче, Јасеново и Горно и Долно Јаболчиште.  Бидејќи ова е можност да се окрепне домашниот буџет, на берење заминуваат цели семејства. Објаснуваат дека нема можност да се наберат отровни печурки.  

Нема  опасност по здравјето, бидејќи  од печурките кои сега растат, вргањ и јајчарка, нема отровни, и затоа бере кој ќе  стигне. Богатиот род пак создаде тензии помеѓу населението од одделни села, кои чувствуваат дека доаѓањето на  ,,туѓинци,, лица од други места им задира во откупот, па има и искричења помеѓу берачите, закани да не доаѓаат на нивен терен, бидејќи тие другите не ги пуштале нив да берат коштани, боровинки – вели  Никола Стојанов, собирач на печурки со традиција.  

Одличната откупна цена во првите денови која изнесувала 230 денари за килограм, што одамна не се памети, била причина да се рашири гласот, дека годинава  има добра цена, па масовно да се тргне на берење. Потоа разбирливо и пазарно, по  големиот откуп  цената паднала до само 100 ден за кг. А деновиве повторно е во качување, се откупува за 130 ден.

Се очекува дека бербата ќе потрае  уште десетина дена, по што печурката ќе ја снема. Оваа цена е за свежа печурка, таа на сушената е далеку повисока  две илјади денари за кг. но затоа ќе треба време, печурката да се исуши, па да се продаде. 

 И додека од терен стигнуваат вести дека масовно се бере печурката, во ,,Бабуна,, велешката подружница на ЈП Македонски шуми, годинава се издадени 60 дозволи за собирање на шумски плодови и чаеви.    За неа се плаќа 400 денари, но и задолжително да се приложи договор со откупна станица, каде печурката  ќе се предаде. 

Овој дел, со договорот  сега често се прекршува. Берат цели фамилии,а договор има само еден член, кој целокупниот собран род го предава во Откупниот центар. Потребно е надлежните  да бидат поангажирани овој период, да оди на терен  да види кој се бере печурки – велат легалните берачи од велешко.

Додаваат дека наместо таа да се сече, се корне а се чува  и транспортира во вреќа, наместо во кошница, како  што практикуваат дел од новите берачи. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »