Петар Печков
Објавено: петок, 08 февруари 2013
Неслогата на станарите од седумкатницата на улица Методија Андонов Ченто е причина што 28 години тие одат пеш до нивните станови. Иако имаат два лифта, истите не работат повеќе од четврт век а станарите никако да се договорат, лифтовите да се поправат. Cметката на ваквата неслога ја плаќаат станарите од половина зграда, од повисоките катови. Некои со години се заробеници во сопствените станови.
Од 1985-та година лифтовите на работат. Се што ми е потребно го пишувам на список од вечер, следниот ден зетот ми го купува и го носи. Срцев болен сум, за симнување некако и ќе слезам ама за качување, не бива, така сум отсечена од пријателки, од светот. Во една фамилија не може човек да се договори а не тука триесет и кусур луѓе. Како во затвор сум, ама сама да сум се ставила – вели Ленче Илиева која живее на највисокиот седми кат.
Нејзината судбина ја делат повеќе станари, но најтешко им паѓа на болните и неподвижните, такви ги има десетина. Зградата е изградена 1976-та а по девет години, лифтовите престанале да возат.
Во зградата имаме луѓе на кои им е неопходна лекарска помош. Кога ќе се јавиме на Брза помош и ќе кажеме дека сме од Енгелсова 3, не прашуваат на кој спрат сме, колку е итно, дали е неопходен доктор. Кога треба некој болен да оди на лекар се организираме станарите да го симнеме од повисоките катови, сите помагаат. Трагедија – вели Славица Трајкова, која живее на шести кат, има неподвижна мајка и на која и е потребна честа лекарска нега.
Станарите не сакаат да присетуваат и зборуваат, како е кога треба да се симне сосед од погорните катови, кој починал а животот го носи и тоа. Славица до скоро беше претседател на Куќниот совет, но откако увидела дека нејзината борба за средување на состојбите во зградата е како борбата на Дон Кихот со ветениците, се повлекла.
Пронајдовме двајца инвеститори, тие беа расположени сакаа на кровот кој е заеднички да градот доградба. За против услуга да ни инсталираат нов лифт. Од 32 станари 28 дадоа согласност четири беа против. Зградата тонела, пропаѓала, се рушела ако се догради и заинтересираните си заминаа а проблемите останаа – вели Трајкова.
Бидејќи поткровјето е заедничко на сите, со перална, законот велел дека е потребно сите, во овој случај 32 станари, да дадат согласност за доградба, а не како во други случаи 50 отсто плус еден. По овие настани, сега зградата нема раководство, никој не сака да се нафати на оваа позиција. Горан Арсов станар од највисокиот седми кат посочува како се справува со кровот кој му прокиснува.
Бидејќи лифтот не работи, морам на раце да качувам триста скалила за да ја однесам вреќата со цемент и земјата до кровот. Никој мајстор не се нафаќа да оди пеш до горе, па сам ја вршам работата, малтарам, пополнувам дупки, рушам. Згора на тоа во овие простори се собираат нарко -зависници, секоја вечер ги има. Не знам како можат ама пеш одат до горе, полно е со шприцови, децата ќе ни ги заведат – вели Арсов. Станарите од приземјето пак објаснуваат дека не се моќни да учествуваат за купување на нов лифт.
Кога работевме и кога имавме беше лесно да се дава. Сега сме без работа, без пари како да одвоиме нешто, кога сме во лоша ситуација. Но не треба да заборават станарите под повисоките катови дека во некое минато време, тие не сакаа да плаќаат за чистачката, кај нив било чисто. Точно ама за да се качат до горе мора цела зграда да ја минат и да направат бербат – вели станар од првиот кат.
Во ваква ситуација тешко е и на малите деца основци кога одат на училиште да се искачуваат по 10-тина минути со полни чанти, па затоа родителите ги пречекуваат. Најдобра илустрација за состојбата во зградата беше млад соговорник, кој влегувајќи во зградата додаде ,, имам 25 години а ниту еднаш се немам возено во лифтот, оти тој цел живот не работи. Јас и можам да се искачам до дома на петти кат, ама за постарите е жално,,.
Tweet |