Петар Печков
Објавено: понеделник, 11 април 2022
Со висока оценка на способност е оценет Пешадискиот баталјон од македонската армија, чија тактичка подготвеност помина низ евалуација од страна на високи претставници од НАТО. Тоа е прва оценка на поголема воена структура откако македонската армија е дел од составот на Алијансата. Во дел од оценувањето беше и тактичката вежба „Блесок 22“, чиј завршен сегмент беше претставен денеска на армискиот полигон Криволак.
„Ја видовме нашата НАТО- Армија. Видовме дека способностите не се само реченица во говор, не се само зборови на хартија. Професионалноста и посветеноста на нашата Армија денеска доби уште еден печат. Нашиот Лесен пешадиски баталјон кој е оценет како борбено способен за извршување на својата мисија според најстрогите НАТО-стандарди, под мониторинг на искусни набљудувачи од НАТО-Алијансата.
Ова покажува дека Армијата постојано се развивала, ги гради своите капацитети, вложувала во своите професионалци, рече Славјанка Петровска министерка за одбрана, честитајќи им на припадниците на Лесниот пешадиски баталјон за завршената задача..
Таа се заблагодари на сојузниците од САД и Обединетото Кралство кои многу помогнале овој баталјон да се стекне со вакви перформанси и да добие вакви високи оценки. Министерката Петровска појасни дека баталјонот е првата поголема единица која била оценувана според стандардите на НАТО по членството на нашата држава во Алијансата.
„Над 1.100 армиски припадници во периодот од 3 април до денеска изведоа 60-ина вежбовни активности и секој од нив беше успешно оценет. Покажаа дека се способни и подготвени за извршување на комплексни и борбени задачи на терен кој е уникатен, единствен во овој дел на Европа“, нагласи Петровска.
Tweet |