Петар Печков
Објавено: четврток, 13 јуни 2013
Велешанката Светлана Ангеловска не може да извади умреница за нејзиниот поранешен сопруг, оти во институциите на државата тој се води дека се уште е жив. Таа до ваквата констатација дошла откако побарала документ дека Борислав е починат во Одделението за водење на матичната документација во Велес.
Минатата година на 17 декември ми се јавија од Болницата во Бардовци каде Борислав се наоѓаше на задолжително лекување, дека тој починал. Побараа од мене да го погребам. Јас одбив оти со него судски се разведов, откако се обиде жива да ме запали заедно со куќата каде живеевме. Кога неодамна бев во велешкото матично да извадам документ дека тој е починат, тие ми рекоа дека тако документ кај нив нема, не се води дека е умрен бидејќи никој не го пријавил – вели Светлана Ангеловска.
Во 2007-тата Борислав Ангелов на 18 септември, лани, 17.20 часот, на улица "Владимир Назор" 178 во Велес, по вербална и физичка расправија ја заклучи поранешна сопруга Светлана Ангелова во бањата. Потоа ја заклучил влезната врата и ја запалил куќата. Ангелов мирно од улицата, гледал како таа гори. Светлана успеала да се спаси од огнот откако ја скршила вратата од бањата. Ангелова и покрај повредите од пламенот успеала да побегне кај соседите. Кога забележал дека поранешната сопруга се спасила , тој со секира се упатил кон неа да ја убие, оти во неговата глава имал фикција дека таа го труе. За ова велешкиот суд, откако докторите го прогласија за непресметлив, го испрати на доживотно лекување во Бардовци.
На Светлана документот умреницата дека Борислав е починат и треба за да се изврши пренос на имотот, кој гласи на негово име. Иако куќата која изгоре до темел е нивна заедничка сопственост, стекната во бракот, но бидејќи гласела на име на Борислав, Светлана шест години живее кај нејзини блиски, како потстанар, не можејќи да го реши станбеното прашање. И сега кога ја започнала постапката со надеж дека нејзината Голгота конечно е завршена, таа не е ниту педа подалеку од почетокот.
Јас ли треба да вадам документи за починатиот екс сопруг, или институцијата каде тој се наоѓаше. Со него одамна нема ништо, тој за мене е лошо минато, спомен кој е избришан, човек кој сакаше да ме убие – вели Светлана.
Од Управата за водење на матична книга информираа дека сопругата е таа што треба да ја изведе целата постапка, за обезбедување на потребните документи
Согласно Законот за матична евиденција, смрт се запишува во матичната книга на умрени во местото на настанување на истата. Во овој случај госпоѓата треба да извади извештај за смрт и потврда за смрт за починатото лице од институцијата во која починал и да ја пријави смртта во матичното подрачје Ѓорче Петров и од таму да земе извод од матичната книга на умрени. По службена должност ова матично подрачје испраќа извештај за смрт до ПО Велес на УВМК – велат од Управата.
Tweet |