речник контакт

Питомиот костен во велешко годинава со слаб род

Собирањето заврши за кратко време. Се продава по 100 денари за кг

Петар Печков

Костените во велешко есенва имаа слаб род, така што бербата за кратко време  заврши.  Ова сезонско овошје успева во селата Горно Врановци  и Долно Јаболчиште. Ама уште на почетокот од сезоната, костенот стана дефицитарен на пазарот. На градскиот пазар го има во мали количества и тој се продава за 100 денари од килограм. Собирачите годинава немаа многу работа, ниту пак ќе има дополнителен прилив во скромниот домашен семеен буџет. 

Од овој крај се откупуваше од 50 до  70 тони коштани во сезона. Есенва се собраа не повеќе од 10 тони. Лошо беше времето, така што коштанот го снема бргу. Се откупуваше на големо по 60 денари за килограм сега стаса и до 100  денари, цената скока но коштани нема – вели жител од селото Горно Врановци.  

Слична е состојбата и во селото Долно Јаболчиште, каде исто така успева костенот. Собирачите објаснуваат дека  родот го носат на пазар во Велес ,поради подобрата цена на мало  или пак  во помал дел го предаваат во откупните центри.

Имаме мали количества,така што не се исплати да го даваме топтан. Поарно е вака  и тоа  што малку го собравме да го продадеме на пазар, со повисока цена. Годинава беше одлична за печурки, ама не се погоди за костени. Од едното собравме пари а од другото не се офајдивме – додава жител на Долно Јаболчиште.

Костенот кој го има во изобилие во природата на  овој дел од централна Македонија, населението го собира по шумите и претставува дополнителен приход, бидејќи повеќето се невработени.  Питомиот костен во Македонија  го има  и  во   дебарско -струшкиот регион, битолско -прилепски регион, скопско  и струмичко. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »