Петар Печков
Објавено: вторник, 29 јули 2008
Планинарски дом - Мокрени
Сместени на падините од планината Кадиица, три планинарски дома ги нудат нивните капацитети за одмор и рекреација далеку од градската врева. Двата се во селото Мокрени, едниот е во селото Ораов Дол, општина Чашка. Прекрасна природа, шума можност за излет е понудата што тешко се одбива. За овие објекти, кои нудат алтернативен туризам малку се знае, но тие што ги посетиле често се враќаат кон нив.
Црква „Св. Никола“ - Мокрени
Најубав и најмногу посетен е домот во Мокрени, во близина на манастирот Св.Спас. Опколен со бука и папрат, во мир и тишина, како во швајцарските алпи, гостите не можат а да не заминат презадоволни. На располагање има 20 кревети, кујна, трпезарија, купатило и санитарен јазол. Околу домот има предупредување, дека во околната шума има дивеч. мечки, волци, диви свињи но и срни, верверички, но досега ниту еден гостин не ги видел. Овој објект пред 10-тина години е реновиран со средства од „Макпетрол“ и за јавноста е познат под тоа име.
Планинарски дом сред село
Вториот дом е сред село, во поранешното училиште. Со него стопанисува ПД „Металург“ има 30 кревети, со кујна, телевизор, купатило и ве-це. Селото има десетина постојани жители, а лето стигнуваат и до стотина. Тие можат да се пофалат со црквата Св.Никола изградена во 1852 година и ѕвоно донесено од соселанецот Петко од Америка. Легендата како заживеал овој крај ја пренесува Дане Јовановски.
- Тројца браќа дошле во овој крај и сите се населиле на различни места, каде формирале наслеби и се вдомиле. Габро го формирал селото Габрово, Мокро селото Мокрени а третиот брат чие име е не позанто го оформил Ораов Дол. Сите три села се во круг од неколку километри – објаснува Јовановски. Недалеку од Мокрени е соседното село Ораов дол. Тоа летно време е преполно со гости, кои тука бегаат од високите температури, жештината под бројните ореви и се враќаат кон нивните огништа. Планинарскиот дом е сред село, има 30-тина кревети и комплетна инфраструктура, од кујна, преку трпезарија, купатила и санитарии. А природата во околината не штедела, интересни камени фигури, шума, потоци со вода. Интересна е селската црква Св.Никола, изградена од папрадишките мајстори, непозната година, бидејќи ни нивните родители и предци не помнат кога била изѕидана.Во селото има многумина кои тука одлгедуваат пчели. Селаните со нивна, поинакава приказна како дошло името на селото.
Ораов Дол
- Бегајќи пред зулумите на турците, пред 300 години некој селанец пребегал од блиско село и тука изградил куќа. Кога го прашувале, каде живее одговарал во долот кај оревот – вели Благоја Петрушевски, повратник од Германија кој тука изградил нова куќа и го минува летото. Како него има многумина кои ги обновиле нивните стари куќи, па сега тука се слуша врева и жагор.
Планинарски во Ораов Дол
Но и тој селаните од Ораов дол и Мокрени, велат дека селата ќе имаат уште повеќе гости а домовите ќе бидат полни, доколку до нив се изгради асфалтен пат, за што фалат уште 10-тина километри. Вака по земјениот тешко се доаѓа до селата, а со тоа и можноста за алтернативен туризам се губи. А овој предел е сеуште неоткреин и примамлив за посетители со чистата и недопрена природа но и здравата еколошка храна.
Tweet |