Петар Печков
Објавено: четврток, 20 октомври 2016
Стотината вработени во Фабриката за шински возила ,,Колска,, од Велес повторно излегоа на протест, трет годинава. И пак со ист повод, плати нема. Ја чекаат јулската, иако договорот со ЈП Македонски железници бил исполнет.
Што е до нас, сработивме 75-те товарни коли, ги изработивме согласно договорот. Но за жал тој не се почитува до страна на железница. Тие земаат редовно плата, за нас не се плаќаат услугите. И како да работиме натаму, како да поправаме други коли, кога нема за репроматеријал, да платиме за струја и други комунали – вели Слободан Димитриевски претседател на синдикалната организација во Фабриката.
Поради ова 128-те вработени последна плата која ја добиле е јунската. Тие протестираа пред капијата на фабриката и на овој начин го искажаа нивниот револт. Се решиле на ваков чекор поради домашните неплатени сметки, исклучена електрична енергија, блокирани сметки. Објаснуваат дека чекаат предолго за да се реши проблемот и статусот на ,,Колска,,.
Најтешко е со неплатеното здравствено осигурување. Не можеме ниту ние, ниту фамилиите да одиме на лекар. Колега се повреди сериозно на работно место, додека поправаше вагон и како тој сега се лекува, кога немаме платено кон Фондот за здравство. А не е тој прв и единствен случај на колеги кои мака мачат да оздрават – додава Димитриевски.
Фабриката ,,Колска,, годинава слави 100 години постоење и вработените стравуваат за иднината. Последните пет години, тие засега безуспешно бараат повторно да се вратат во рамките на МЖ, од каде беа издвоени во 1996-та и од тогаш започнуваат нивните проблеми со обезбедување на работа. Досега друштвото, кое е во 100 отсто државен капитал, три пати беше нудено на продажба и исто толку пати никој на се јавил да го купи.
Tweet |