Петар Печков
Објавено: недела, 08 август 2010
.Учесниците од земјава и странство до 13 август творат во спомен-куќите на Јордан Хаџи Константинов-Џинот и Касапови. Според градоначалникот на Велес, Горан Петров, манифестацијата е преместена од Папрадиште во Велес со цел уметниците да имаат подобри услови за сместување и за работење, но и културно да заживеат овие две куќи.
- Сакаме да направиме да заживеат двете куќи. Уметниците во Велес ќе може да видат како функционира една урбана колонија и ќе имаат слобода да работат на која сакаат локација во градот - вели Горан Петров, градоначалник на Велес. Организаторите сметаат дека селењето на колонијата во Велес ќе има многу придобивки, а уметниците ќе може да се запознаат со сите знаменитости што ги има градот и да добиваат инспирација од нив.
- Со тоа што колонијата е во Велес добиваме урбан простор и многу локации за творење и запознавање на градот, но ги губиме логорскиот оган и живописните предели на Папрадиште - вели Љубомир Бисин, раководител на копаничарскиот дел. На шестата сликарско-копаничарска колонија ќе учествуваат 12 сликари и копаничари.
Дел од нив се од земјава, а дел од Романија, Словенија, Србија и од Бугарија. Организаторите на манифестацијата упатија и отворена покана до сите уметници да се приклучат на колонијата и да дадат свој придонес кон неа. Спомен-куќите во кои ќе се одржува колонијата се целосно реновирани пред неколку години.
Уметниците, на колонијата ќе треба да создадат или подарат по најмалку едно дело. Делата создадени на „Папрадишки мајстори“ ќе бидат традиционално претставени на ликовна изложба по повод Денот на ослободување на Велес - 9 Ноември.
Tweet |