Петар Печков
Објавено: петок, 24 август 2012
Три часа траеше операцијата на отстранување на трупот од стеблото, кое две години беше во реката Вардар и закачено на столбовите од мостот Гемиџии во центарот на Велес. Така тоа ја загрозуваше безбедноста на мостот. Вработените од ЈКП Дервен имаа сериозни потешкотии да го извадат стеблото, тешко стотина килограми од реката. Мораа да го сечат, кастрат на помали делови, за да може багерот да го извади од водата. Ова е прва ваква акција на ЈКП Дервен аз отстранување на дрва од реката Вардар.
Заглавеното дрво претставуваше опасност за структурата на мостот и неопходно беше да се отстрани. Поради водостој на реката досега немаше можности да се изведе оваа акција без да се изложат работниците на опасност. За нејзино извршување се искористи механизација од ЈКП Дервен, поточно ровокопач и трактори , како и работна рака, односно сечачи од РЕ Паркови и зеленило и работници од РЕ Комунална хигиена за утовар и транспорт на дрвото - изјавија од ЈКП Дервен. Дрвото беше донесено со поплавата од 5-ти декември 2010-тата и овие две години исто толку пати процвета и разлисти иако беше во вода и без корен.
Tweet |