Петар Печков
Објавено: вторник, 15 декември 2020
Во текот на вчерашното попладне, Министерството за здравство пуштило без малку 250 термини за бесплатна вакцинација против сезонски грип во Велес. И сите биле бргу потрошени. Вакцинацијата , која беше десетина дена стопирана, продолжува веќе од денес во Здравствен дом, и следните два дена со по 71 термин, додека в петок има 36 термини.
Тоа за колку кратко време се потрошија бесплатните вакцини, зборува дека и натаму постои интерес, дека пациентите од здравствено ранливите категории сакаат да се вакцинираат и имаат потреба. Иако сме средината на декември, што е надвор од сите календари, интерес кај пациентите има и тие очекуваат во наредните денови нови термини за вакцинација, бидејќи има уште лица кои имаат потреба да се вакцинираат - вели матичен доктор од Велес.
Пред да се пуштат овие 249 вакцини, за четири седмици во ноември беа вакцинирани 400 велешани, толку вакцини беа издвоени за бесплатна вакцинација против сезонски грип. Од вчера започна и комерцијална вакцинација во Центарот за јавно здравје Велес која чини 800 денари. Таму беа набавени 1.3 илјади за Повардарјето од нив 400 се за Велес. Од нив веќе половината биле потрошени првиот ден. Таа вакцина е холандска, за разлика од бесплатната која е од француско производство. И двете се четиривалентни.
Tweet |