Петар Печков
Објавено: вторник, 23 септември 2025
Спомен куќите на уметноста во Велес, десетина дена повторно оживеаја. Ги отворија вратите и тие се времен дом на педесетина велешки основци, кои таму ги учат тајните на подзаборавените стари занаати, грнчарството, столарството и ткаењето.
Во куќите на Рацин, Главинов и Касапови се одржуваат работилници во организација на граѓанската организација „Разбој“.По пауза неколку години, школите повторно се активирани и годинава се десети по ред.
„Целта ни е младите да ги поттикнеме на учење на овие стари занаети кои се во изумирање. Интересот со кој наидуваме ги демантира тврдењата дека младите не се заинтересирани. Имавме голем интерес од овие присутни 50 деца. Во надеж сме дека токму овие деца учесници, ќе бидат идни занаетчии, и ќе им биде второ занимање, хоби. На грнчарската работилница, се работи изработка на женска керамика, со раце и изработка на скулптура. Драго ми е што работиме и од година на година го подигаме интересот кај велешките деца за овие стари занаети. Треба да им го пренесеме тоа што го знаеме, да не остане заборавено “ – кажа Гоце Станчев, организатор на работилниците.
Во куќата на Рацин се одржува грнчарската работилница. Таму во автентичен амбиент, каде работел и самиот Рацин, на грнчарско колце творат детски раце. Сите посетители се девојчиња. Во куќата на Васил Главинов, се работи столарија.
„Се работи со старински алати. Работиме на ореово дрво, се трудам да користиме што помалку клинчиња. Не работиме машинско столарство. Тука се офоруваат различни предмети. Сите деца се деветто одделение и морам да кажам дека имаат талент, желба за работа“ рече Мите Ѓорѓиев, кој раководи со работилницата за столарија. Изработени се столче, штафелај за изработка на икони, чекан за дрворез, и две дрвени тркала.
Во куќата на Касапови има три работилници –за ткаење, плетење, копаничарство и за изработка на накит.
„Не ни е прва година како работиме тука, работиме осум-двет години. Децата се многу заинтересирани, покажуваат голем интерес за работат. Знаат да работат, секое дете по нешто си изработи, повеќето сакаат да плетат. Тоа што ќе го изработат останува за нив“ – кажа Вида Станчева.
Организаторот се надева дека барем две – три деца од секој занает, во наредниот период ќе остане во занаетот.
„Се изработуваат даски на ореово дрво, резби по нивни мотиви, кои сами ги одбраа. Има единаесет учесници. Добро уметнички се изразуваат, ова им доаѓа како некој вентил од обврските на училиште“ – објасни Ирена Станчева.
Во куќата на Касапови се работи копаничарство, такење, плетење и правење накиг, во во куќата на Васил Главинов се одржува столарската работилница, во куќата на Солеви грнчарската.
Од сите предмети изработени од работилници ќе има изложба, која ќе биде поставена во куќата на Касапови.
| Tweet |











