Петар Печков
Објавено: петок, 21 август 2020
Деновиве печурките богато родија по велешките планини. Берачите десетина дена неуморно се на терен да соберат што повеќе род. Се оди од рано утро, до зајдисонце. Се користи секој момент за да се собере што поголемо количество. Така е по минатонеделните изобилни врнежи, по кои како во народната, се појавија „како печурки после дожд“. Ги има во регионот на Азот, село Лисиче, околу Ветерско, Рудник, Јаболчиште, Јасеново, Габровник, Ораов дол, таму каде има дабова шума.
Големите количества дожд кои паднаа минатата седмица, создадоа голем род на печурки. Обилните врнежи, погодните температури, влијаеја на богатиот род. Доаѓаат цели семејства, огромен број на луѓе. Се бере вргањ, кој не помнам дека го имал во толкави количества, како сега. Но за некој ден, со овие високи температури, ќе падне квалитетот на печурката и ќе нема откуп. - вели Ристо Димов, велешанец кој секоја година бере печурки.
Но ако печурката годинава ја има, цената паѓа. Ако пред десетина дена, кога печурката и ја немало се откупувала за 170 денари за кг, сега е 100 денари. Но некои откупувачи го прекинале откупот. И велешани и жителите од околните села, масовно се по берење на печурки. Некои дневно можат да заработат и по 10 илјади денари. Изминатите денови, посебно викендот, саботата и неделата бројни семејства биле по блиските планини, на берба. И од Богомила, Теово, Согле, луѓе со вреќи, со ранци, неуморно шетаат за да соберат што повеќе печурки.
Некои откупувачи немаат капацитет за да го преработат големството што секојдневно се откупува. Толку многу печурка има, се бере дневно со тони. И некои откупни центри прекинаа, на други места печурката се откупува за 70 денари, што е многу ниска цена - вели Никола Пановски, берач на печурки.
Годинава има богат род, што придонесе голем број лица за берат печурки. За жал откупната цена е ниска. Памтиме години кога таа беше далеку повисока, но годинава е така. Кога има голем род, има ниска цена – вели Музафер Бајазитов еден од поголемите откупувачи на печурки во велешко, кој со оваа дејност се занимава од 1980 година.
Во текот на понеделникот, од велешкото шумско стопанство „Бабуна“ биле на терен, по околните планини, за да проверат дали берачите поседуваат дозвола за берење шумски плодови.
Имаме издадено мал број на дозволи. Сретнавме илјада луѓе во тој период од неколку часови, како берат печурки. Масовно се бере, само стотина лица имаа дозвола, останати не. Не ни е целта да казнуваме, досега немаме пишано ниту една прекршочна или кривична пријава. А една дозвола чини 400 денари, за територија на цела држава. Одѕивот за издавање дозвола во велешко е мал и незначителен. Нашата служба е на терен и ја следи состојбата и берачите - изјави Љубенка Попова директор на ПЕ на ШС „Бабуна“ - Велес.
Печурката се сече, не се корне, се чува во кошница не во вреќа, потенцира велешанецот Борче Гајдов, поранешен планинар, кој апелира до берачите на печурки, како да постапуваат.
Не можеме, не смееме да ја оставиме природата на немилост на лица кои мислат само за себе. Нестручно се бере печурката. Се рекло носи пари и сите ајде на берење а немаат основни познавања. Печурката не се корне, се сече со нож, се складира во кошница а никако во вреќи како што некои работат. Сметката ја плаќа природата ама и ние со неа – објаснува Гајдов, кој како голем љубител на планините по нив се движи оди од далечната 1959-та година.
Во прилог на оваа негова реакција се и апелите од страна на жителите на селата, во чија околина се бере печурката. Тие ги прозава берачите: „Планината ѓубре ја наполнија печуркарите што доаѓаат да берат“.
Tweet |