Петар Печков
Објавено: среда, 20 декември 2017
По пет години чекање станарите од комплексот згради Хабитат во Велес, добија асфалтирана улица. Но не сите туку само станарите од двете згради, другите од три ќе причекаат. Првите станари во зградите се вселија есента 2012-та и толку време чекаа да им се уреди пристапот до домовите.
Редно време беше да се асфалтира. Тоа се случи пред изборите на 15 октомври и еве два месеци не газиме по кал и земја. Останува да се спои со Живко Фирфов - велат станарите.
Иако уште со поставувањето на камен темелникот на изградбата на зградите, во 2007-та кои ги градеше американската невладина организација ,,Хабитат,, биле уплатени комуналиите, пристапниот пат со години локалната власт, избегнуваше да го изгради.
Во текот на ланската година се изгради потпорниот ѕид а есенва и улицата. Но останува да се асфалтира и вториот крак на улицата ,,Невена Георгиева Дуња,, кој води до другите три згради од населбата Хабитат, каде живеат околу 50-тина семејства. Откако улицата била асфалтирана, ,,Хабитат,, самоиницијативно поставил улично осветлување.
Летово започна да се гради и шестата зграда на Хабитат, за која веднаш биле платени комуналиите. Населбата ,,Хабитат,, се гради со донации од корпорации и поединци претежно од САД, но и волонтерски труд.
Во градењето придонес додоа и американските амбасадори кои сите овие години работеа во Македонија. Но тоа на локалните власти не им пречеше со години да не ја завршат преземената обврска, уредување на улиците во населбата.
Tweet |