Петар Печков
Објавено: среда, 05 април 2023
Откако Министерството за животна средина препорача на Општина Велес да преземе акција за побрзо да се заврши реконструкцијата на улицата „Благој Ѓорев“, каде се врши нејзина санација и реконструкција, градоначалникот Колев, на седница на Совет објасни дека таму се работи според договорените рокови.
„Според договорот потпишан со Светска банка изведбата на оваа делница е во рок од четири месеци. Работите започнаа на 27 јануари. до денес минаа два месеци и десет дена. Фирмата изведувач, која го доби тендерот за оваа и улицата Живко Фирфов има рок за работа од четири месеци. Таа до петок, најдоцна понеделник ќе го стави првиот слој на асфалт. Тоа значи месец и пол пред договорот. Имаме целосна реконструкција и разбирливо е што има прашина. Но јавноста треба да знае дека сообраќајот не беше сопрен ниту еден ден, што ја отежнуваше работата. Ако беше сопрен сообраќајот поради градежните работи, како ќе стигнеа граѓаните до Чашка?Какви тогаш реакции ќе имавме“ - кажа градоначалникот Колев.
Министерството за животна средина бараше побрзо да се изведуваат градежните активности, оти поради нив се создаде голема прашина, што беше измерена и од станицата за мониторинг за амбиентниот воздух која е лоцирана токму до оваа делница.
Така изминатиот период на ова мерна станица беа измерени енормно високи вредности. На 2 април беа 270 мг/м3 што е за пет пати повисоко од максимално дозволената вредност на ПМ 10 честички.
Tweet |