Петар Печков
Објавено: вторник, 17 јули 2012
Три дена без вода и јадење, во длабока шума на работ од снагите бил велешанецот Н.Т. (68 год). Тој денес бил пронајден случајно од возач на камион на ЈП Македонски шуми, далеку од местото каде била потрагата.
Додека три дена по исчезнатиот трагаа локални мештани, полицијата и вработени од Македонски шуми, тие го барале на грешна локација, во близина на железничката станица Согле и околината. Но старецот бил, велат мештаните на спротивна страна, оддалечен неколку километри подалеку, кај манастирот Св. Богородица.
Веднаш откако е пронајден како лежи без помошно во папрат бил префрлен во велешката Болница каде е задржан на лекување заради влошената здравствена состојба, но не и со загрозени витални функции.
Н.Т. исчезна во саботата откако со негов другар заминале од Велес за Согле да берат чај. Според договорот требало да се сретнат во 16 часот кај местото викано Рушевина, но во договорениот термин Н.Т го немало, по што започнала потрага по него, која заврши денес, случајно но среќно.
Tweet |