Петар Печков
Објавено: вторник, 27 февруари 2018
За овие 48 часа откако падна првиот годинешен снег, на улиците во велешко фрлени се 62 тони сол и 143 метри кубни ризла. Сите патишта во општината но и соседните се проодни. Проблеми со наставата има училиштата во Раштани и Бузалково. Од Центарот за управување со кризи информираа дека и патишата во соседната општина Чашка, кон Ореше и Јаболчиште се проодни, но во отежнати услови за патување.
Од почетокот на снежните врнежи од страна на ЈП „Македонија пат“ на територија на Општина Велес се фрлени 60 тони сол и 140 м³ ризла. Дополнително од страна на економските оператори ангажирани од Општина Велес се фрлени 2 тони сол и 3 м³ ризла. Материјалот е набавен од страна на Општина Велес. Во текот на денот ЈП „Македонија пат“ ќе го расчистува патот кон Караслари, потоа Иванковци, Црквино и Оризари. ГП „Изгрев“ со механизација работи на расчистување на патот кон Бузалково. ГП „Делта пром“ ќе врши фрлање на сол и абразивни редства на патниот правец Чолошево –Дурутовец, потоа Раштани-Бузалково и по втор пат денеска на пристапниот пат кон Којник. Надлежните служби се максимално ангажирани за навремено да одговорат на евентуални нови врнежи од снег - изјавија од локалната власт.
Општина Велес информира дека во најголема мера со ангажман на стручните служби и приватните оператори, проблемите со пристап до училиштата се надминати.
Денеска без проблем започна наставата во Црквино, Сливник и Клуковец. Единствено се регистрирани проблеми со наставата во подрачното училиште во Раштани поради непроодност на патот. Во Бузалково, одделенската настава утринава започна без проблеми, додека поради потешкотии со пристапниот пат во училиштето не се оддржува предметна настава. Стручните служби и операторите работат на терен за надминување на проблемите. Во подрачјето на градот не се регистрирани проблеми во училиштата - додаваат од локалната власт.
Општина Велес повторно апелира до сопствениците на продавници и граѓаните активно да се вклучат во расчистувањето на тротоарите и пристапите до објектите. Од железничка и автобукста станица информираа дека денес возовите и автобусите доаѓаат редовно, без задоцнувања.
Tweet |