Петар Печков
Објавено: вторник, 20 март 2018
Со висока победа од 10:2 футсал екипата на Велес го победи штипски Астибо. Ова беше натпревар од третиот дел на првенството, прв од дополнителните 9 кола. Гостите иако четврти не беа сериозен противник за разиграните домаќини. Во следното коло велешани гостуваат во Богданци на екипата на Цико која е петта со 20 бода. КМФ е лидер во Првата лига.
Одбојкарите на ГОК Борец со 3:1 се враќаат од Жеровјане, каде ја победија последнопласираната екипа на Лирија, која нема победа по 12 кола. Така ја прекинаа серијата порази а веќе викендов имаат шанса за нова, со победа над студентите од Универзитет Гоце Делчев, кој изминатите денови ги елиминираше од Купот со две максимални победи.
Фудбалерите на Борец со тешки маки ја победија екипата на Осогово од Кочани со 2:1, откако гостите го добија првото полувреме со голот на Паунов во 22. Велешани израмнија преку Коцев во 55-та а бодовите останаа дома со голот на Николовски во финишот, во 87 минута. По ремито на дербито на првиот и вториот, без голови 0:0 во Штип на Брегалница и Беласица, Борец е трет со ист број бодови како и Брегалница 32, со тоа што штипјани имат натпревар повеќе, Беласица има 37 и е прва. Со ремито дома во Гевгелија со Плачковица 1:1, Кожуф сам се откажа од борбата за второто место, кое води во бараж за пласман во Прва лига. Во следното коло Борец е слободен.
Се одигра последното 16 коло, од регуларниот дел на Супер лигата во ракомет. Во дербито на дното, Борец загуби во Скопје од екипата на Металург 2 со 30.26 (15:14). Во поголемиот дел од првите 30 минути велешани биле во водство а домаќините повеле во финишот со еден гол предност. Израмнето било и во второто полувреме, се до средината 21:21, кога со серија од 5:1 металурзите поведуваат со 26:21 предност која ја сочувале до крајот. По ова се формираат две лиги, за разигрување за титула каде има шест екипи и за опстанок каде има пет екипи меѓу нив и Борец. Бодовите од досега одиграните меѓусебни средби се пренесуваат па Борец и Вардар јуниор имаат по 9, Металург и Прилеп 2010 по 10 а Радовиш има 20. Последниот од ова натпреварување ќе игра бараж за опстанок со второ пласираниот во Првата лига.
Кошаркарите на Борец Баскет загубија во Скопје од Феникс 201 со 62:65. Иако домаќините имаа досега по 13 кола, само три победи на овој натпревар славеа тесно со три коша предност. Во следното Борец, кој е 6-ти со 21 бод, ја пречекува последната Спарта од Скопје, која е без радост на 15 средби.
Tweet |