речник контакт

Повеќе патници, полоши услови на велешкaта железничка станица

Бројот на патниците од Велес е зголемен за 20 отсто, а со тоа и турканиците во старите и бавни возови

Петар Печков

Зголемен е бројот на патници на велешкaта железничка станица и покрај лошите услови за патување. Во однос на март минатата година, минатиот месец една петина патници повеќе се возеле, покажува бројката на купени возни билети.

- За овие дванаесет месеци имаме пораст на патувањата за дваесет отсто. Најмногу од патниците, две третини се возат до Скопје, потоа следи Битола додека кон Гевгелија и Кочани е мала бројката – велат од Железничката станица во Велес. Со тоа со околу 1.200 билети дневно оваа станица останува најфрекфетна во земјава. И додека бројот на патници се зголемува, се намалува квалитетот на услугите, се жалат граѓаните.

- Најлошо е во понеделник наутро кога дури им завидуваме на сардините во конзервите, таква гужва е. Толку многу патници има, што може некој дена да се случи и слика од Индија, да почнеме и на кровот да седиме. Нема можност ни кондуктерот да мине, картите да ги прегледа – вели Милан Ѓоргиев, вработен во Скопје, корисник на месечен билет.

Тој е еден од 400 вработени, корисници на овие билети, кој со години патува на оваа релација. Велат дека секое утро е така а посебно е изразено во првиот работен ден во неделата, кога во возот од Битола полн со патници, треба да се качат и 500 корисници на месечен возен билет од Велес, вработени, студенти и ученици. Тие се прашуваат како ќе биде кога за некоја седмица ќе се качат температурите па стравуваат дека и воздух не ќе можат да дишат во тесниот  простор.

Покрај малиот број на вагони, патниците се жалат и на лошиот распоред на возниот ред, кога од 8 па до 12 часот нема ниту еден воз кон Скопје, во ударен термин кога повеќето граѓани треба да отпатуваат во главниот град на земјава. Дотраените вагони, со прозори кои не се отвараат за нив се секојдневие па не регаираат на ваквата состојба.

Се жалат што железничката станица и натаму нема санитарен јазол. Постојниот е затворен од санитарно-здравствената инспекција во далечната 1999 година, но и по девет години тој не е ставен во функција.

Од ЈП Македонски Железници објаснуваат дека познати им се поплаките од корисниците но ништо не може да се промени, кога просечната старост на колите е повеќе од дваесет години.

- За жал имаме ограничен број на патнички вагони и локомотиви. Со нив треба да одржуваме триесетина линии во земјава така што е мошне тешко да ги задоволиме барањата на патниците - велат од ЈП МЖ.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »