Петар Печков
Објавено: вторник, 26 март 2019
И во повторното судење Љупчо Стојановски (62 год) од Велес, дедото на малата Тамара, доби седум и пол години затвор за обид за убиство на екс министерот Никола Тодоров. Оваа затворска казна му беше изречена од судијката Софија Лаличиќ во Основен суд Скопје 1. и доаѓа по извршената реконструкција која ја побарала Апелација, која ја врати првата пресуда.
Судијката истакнала дека судот сочувствува со семејството за загубата на малата Тамара, но дека правдата не се добива со ”око за око”‘.
Обвинетиот посегнал по животот на оштетениот бидејќи го сметал за најголемиот виновник за смртта на Тамара. Оштетениот е жив не затоа што обвинетиот не сакал да го убие, туку затоа што Тодоров се наведнал, потенцирала судијката.
Стојановски во одбрана се бранел дека носел пиштолот, но само за да пука во воздух како предупредување да не се повтори неправдата на неговата внука. Нему му е продолжен притворот, со образложени дека може да го повтори делото.
Судијката кажала дека обвинетиот се бранел дека само сакал да пука во воздух и да ја пренесе пораката- Да нема повеќе други Тамари!, но како што рече, со пукање во глава на министер немало да се пренесе пораката.
За смртта на Тамара на обвинителна клупа се 12 обвинети. Меѓу нив не е тогашниот министер Никола Тодоров.
Љупчо Стојановски доби една година затвор за нелегално поседување на пиштолот со кој пукал. Неа ја изрече Апелација откако Основен суд Скопје 1 му досуди условна затворска казна.
Настанот се случи на 1-ви јуни 2017-та , во 11часот пред примопредавањето на министерската позиција на влезот во зградата на Министерството. Кога Тодоров стасал до последната скала, обвинетиот му се доближил, го вперил пиштолот на 30 сантиметри од главата и испукал три пати без предупредување. Обезбедувањето спречило Стојановски да пука во Тодоров.
Tweet |