Петар Печков
Објавено: среда, 18 декември 2019
Од денес, 17-ти декември, велешани знаат каков воздух дишат. Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информираше дека се инсталирани нови мерни инструменти за мерење на ПМ10-честички во автоматските мониторинг станици за квалитет на амбиентниот воздух во неколку македонски града, меѓу нив и Велес. Инструмент е монтиран и по три дена пробна работа денес започна да го мери загадувањето, односно квалитетот на амбинениот воздух комплетиран за сите параметри.
Министерството за животна средина и просторно планирање по спроведена отворена постапка за доделување на договор за јавна набавка на 5 автоматски анализатори за мерење на суспендирани честички ПМ10 и на 5 системи за прибирање и обработка на податоци, информира дека во автоматските мониторинг станици за квалитет на амбиентен воздух Лисиче, Гостивар, Кичево, Велес 2 и Кавадарци се инсталирани нови мерни инструменти за мерење на ПМ10 и истите се ставени во работен режим. Податоците од извршените мерења, од денеска се достапни за јавноста на веб порталот за квалитет на амбиентниот воздух: air.moepp.gov.mk. - се вели во соопштението на МЖСПП.
Мерната станица Велес 2, која е лоцирана во дворот на градинката во населба Тунел, не работеше од 11 јули 2018-та година. И ново поставените сонди не го мерат присуството во воздухот на најштетните ПМ 2,5 честички. Советниците пак побараа да се постават пет мерни инструменти во градот, на различни локации, на што Министерството не дава согласност.
Tweet |