речник контакт

Подгответе се за уште едно жешко лето во Македонија!

Не очекува уште едно долго, врело лето... Ќе падне ли годинава рекордно измерената температура во градот од 43,5 степени

Петар Печков



Деновиве, иако сеуште календарски е пролет (летото почнува на 22 јуни), температурите на воздухот во градовите низ Република Македонија се искачија и до 38 степени целзиусови.

По долготрајниот, релативно ладен зимски па и пролетен период, за многумина тоа е нагла промена, проследена дури со одредени здравствени тешкотии, неопходни прилагодувања и проблеми. Сепак, според современите климатски модели, но и реалните состојби, контрастноста помеѓу зимскиот (ладен) и летниот (топол) период, од година во година на овие (умерени) географски широчини станува се поизразена.

Како веројатни причини се глобалните (претежно антропогени) климатски промени, астрономските фактори, хидролошките, геофизичките процеси и слично. Така, оваа и следната година е максимумот на Сончевата активност. Истиот може да влијае на тоа да имаме изразито жешко и сушно лето до крајот на септември или почетокот на октомври. Овие предвидувања се во согласност со анализите на неколку познати климатолошки и метеоролошки институции во Европа и пошироко. По тоа би дошло до опаѓање на температурите и веројатно појава на уште еден доста студен и снежен зимско-пролетен период. Причините за ваквите очекувања се доста комплексни, но реални (перихелна положба, максимум на Сончева активност и зрачење, глобални циркулациони тенденции и сл.)

Сепак, треба да се напомене дека и според досегашните официјални мерења, температурите на воздухот во текот на месец јуни се искачувале доста високо. Така, во овој месец (јуни), највисоките забележани температури во Демир Капија и Велес достигнале 40,5 степени, во Овче Поле и Штипско 39,5 степени, а во Скопје и Гевгелија 38,8 степени целзиусови. Вредностите се однесуваат на температурите на воздухот мерени во сенка (во метеоролошка куќичка), 2 м над тлото!

Највисоките пак воопшто досега забележани температури на воздухот, достигнале 44,5 степени целзиусови во Демир Капија, помеѓу 44,3 и 43,5 степени целзиусови во Гевгелија, Валандово, Велес и Струмица, а во речиси сите други градови се регистрирани максимални температури повисоки од 40 степени целзиусови. Исклучок се Делчево со 38 степени, Крива Паланка со 37,3 степени, Охрид, Берово и Ресен со 37-36 степени, Крушево со 35,2 степени целзиусови, а на планинските мерни места: Лазарополе, Попова Шапка, Солунска Глава и други, тие се многу пониски (од 34 до 19 степени целзиусови).

Причина за пониските максимални температури во овие градови и места се нивната поголема височина, положба покрај езерата, покрај или на планините. Наведените апсолутно максимални температури, главно се јавиле кон крајот на јули или почетокот на август.

Она што е многу важно е дека постои тенденција на пораст на вредностите или бројот на денови со многу високи (над 35 степени целзиусови) температури во летниот период, а се очекува така да биде и оваа година. Едновремено, од повеќе причини, меѓу кои и истенчување и „ослабнување“ на озонската заштитна обвивка во атмосферата, се повисоки се вредностите на индексот на сончевото зрачење.

Во Македонија, од средината на јуни до почетокот на септември тие често ја надминуваат релативно „сигурната граница“ 5 искачувајќи се дури над 10. Затоа треба да се следи прогнозата за индексот на сончево зрачење и да се преземат заштитни мерки доколку тој надминува вредност 5, а особено ако е над вредност 8. Едноставно правило е дека при УВ 5, на отворено сонце може да бидеме директно изложени и незаштитени најмногу 60 минути, а за секоја наредна вредност за УВ зрачење, изложеноста треба да се намали за 10 минути (при УВ 10, најмногу 10 минути на сонце). Во спротивно, може да дојде до оштетување на кожата, а заедно со високите температури и до топлотен удар, дехидратација и други последици по здравјето. Исто така, треба да водиме максимална грижа за превенција од предизвикување на пожари, за да не се повтори катастрофалната 2007, а донекаде и минатата година кои имаа непроценливо штетен ефект врз животната средина!

Автор: д-р Ивица Милевски / igeografija.mk/Portal

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »