Петар Печков
Објавено: вторник, 14 февруари 2023
За возачот А.М. (29 год) од Велес ОЈО Велес поднесе обвинителен акт за две кривини дела „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“и за кривично дело – „Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“,
Истиот ќе оди на оценка пред кривичен Совет на Основен суд Велес, по што обвинетиот треба да седне на обвинителна клупа и ќе му се суди за смртта на 11 годишната Магдалена, која почина на лице место, од повредите здобиени во сообраќајката предизвикани од А.Н.
Вештачењата на ОЈО Велес покажале дека возачот критичната вечер. во моментот кога се случила несреќата во 22,15 ч. возел под дејство на алкохол и со брзина двојно поголема од дозволената на тоа место. Згора на тоа сообраќаја се случила на обележан пешачки премин
„Обвинетиот, на 17.12.2022 година, управувајќи автомобил „Мерцедес“ по улицата „Борис Трајковски“ во Велес, не се придржувал кон сообраќајните прописи, со што го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. Иако бил во алкохолизирана состојба, тој управувал со автомобилот, па приоѓајќи во близина на обележан пешачки премин, не ги почитувал сообраќајните знаци. Возел со брзина од околу 68 километри на час, што е повеќе од двојно над дозволената брзина на критичниот дел од патот, каде постоел и сообраќаен знак за максимално дозволена брзина од 30 километри на час. Обвинетиот не обрнал внимание на пешаците и со автомобилот удрил во мајка и ќерка кои во тој момент поминувале преку обележаниот пешачки премин. Од ударот мајката се здобила со телесна повреда на челото. Девојчето, пак, било исфрлено 10-тина метри напред, до следниот пешачки премин, каде паднало на земја, се здобило со бројни тешки повреди во пределот на главата и екстремитетите и починало’- соопштија од ОЈО Велес.
Наместо да застане и да им помогне на жртвите, обвинетиот со несмалена брзина продолжил да вози во правец кон населбата Превалец. Како докази во обвинителниот акт се изјавите на сведоци на настанот, фотодокументација и видео записи од камери на неколку околни објекти, како и со повеќе вештачења извршени по наредба на јавниот обвинител.
“По несреќата, обвинетиот го оставил автомобилот на место подалеку од својот дом и го исклучил мобилниот телефон, па не бил достапен до 19.12.2022 година кога се предал на органите на прогонот. Нему претходно веќе му биле изречени две прекршочни казни за забрана за управување со моторно возило поради алкохолизираност, “- додаваат од ОЈО Велес.
Поради овие моменти, на обвинетиот А.Н. му е продолжен притворот. Смртта на 11 годишната Магдалена предизвикаа силни реакции во јавноста во Велес. Граѓаните бараа заштита од брзото возење пред се од младите возачи, во овој дел на градот,пред училиштето ОУ Васил Главинов.
Tweet |