Петар Печков
Објавено: вторник, 29 март 2022
Осетно е подобрена состојба со гласната музика во локалите спроти Гимназијата. Ова го кажа командирот на ПС Велес, Алексндар Костов, на последната седница на Советот на Општина Велес, по реакциите на жители од тој дел на градот.
„Во ноември лани дојдоа станари од зградите спроти Гимназијата, се жалеа на гласана музика. Ги засиливме контролите, меревме повеќе пати во текот на денот, се поднесоа повеќе пријави. И од тогаш мислам дека овој проблем не постои. Мерењата покажува дека е под 55 децибели што е максимална граница. Проблемот е со општата бучава. Кога сме мереле со фонометар и имало вредност од 57 децибели, па сме го запирале сообраќајот на улица а бројката осетно паѓа. Ова укажува дека имаме бучава од возила од џагор на луѓето, на што не сме во можност да реагираме. За викенд излегуваме постојано. Сега имаме еден фонометар кој е поседување на ПС Велес и можеме постојано да го користиме“- рече Костов, при разгледувањето на Информацијата за работата на ПС Велес во 2021 година
Во меѓувреме градоначалникот Марко Колев одржал состанок со сите угостители, рече таков немало осум години. Целта е надминување на проблемите за кои реагираат станарите, за користењето на јавните површини со урбана опрема.
„Сите угостителски објекти се писмено известени како да постапуваат со урбаната опрема. Ги задолживме да направат елаборати и да ги почитуваат. Точно се знае колку опрема, на која површина да биде поставена, колку да бидат оддалечени меѓусебно, колку место да има за пешаци. Очекувам тие елаборати да бидат доставени и ќе се постапува по нив. Да излеземе во пресрет на граѓаните од овој дел, спроти Гимназијата“- порача Колев.
Tweet |